(ВИДЕО) 360° Американска фондација сака да донира фрижидери за вакцините против ковид-19 во Македонија

Станува збор за фрижидери за складирање на вакцините на “Фајзер” и “Модерна” кои бараат температура од -70 односно -20 степени целзиусови, какви што во моментов нема во земјава

2020 почна и завршува со безмалку френетична потрага по „чудотворната вакцина“ која треба да стави крај на ширењето на ковид-19, вирусот што го блокираше светот како ниту една друга пандемија. За разлика од пред 10 месеци, сега изгледа дека „пробивот“ е речиси на дофат.

Атанас е еден од многуте возрасни граѓани, кои спаѓаат во ризичните категории и во овој период од годината доаѓаат во пунктовите за имунизација за да се вакцинираат – но се уште не против ковид-19, туку против сезонскиот грип.

Вака треба да изгледа постапката и за вакцинирањето против ковид-19, кога вакцините што ќе се покажат најделотворни ќе пристигнат во земјава. Во игра се неколку.

„Нашите информации говорат дека 4 производители се во завршна фаза и веќе се во фаза на апликација за добивање административна дозвола во европските и во американската агенција за авторизација на лекови. Тие 4 компании се Астра-Зенека, Модерна, Фајзер и руската вакцина Спутник V. Нашиот комитет за имунизација неколкупати заседаваше, ги разгледуваше карактеристикте на вакцините, се правеа некои иницијални планови“,

вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Независно од тоа која вакцина или вакцини ќе ги избере земјава, сите ќе се примаат во две дози. Дел од нив се слични – по основата на која се изработени. Но, има и разлики,  на пример, во начинот на транспорт и складирање. Најспецифична е вакцината на американски „Фајзер“ – треба да се транспортира и чува на температура од -70 степени целзиусови, додека онаа на „Модерна“ на -20 степени.

Во објектот на поликлиниката Бит-пазар се наоѓа централното депо на Здравствен дом-Скопје каде, по преземањето од увозниците, се складираат сите вакцини што се користат на територијата на главниот град. Го нарекуваат „Скривница“. Шефицата на депото, Славица Јуруковска, не донесе до влезот на „скривницата“. До тука смееме, пристап во неа не е дозволен.

„Тоа е тука, тоа е таа скривница каде ги чуваме вакцините, се е опремено, се одржува амбиенталната температура, се одржува, а и во случај да снема струја има агрегат.

-За голем простор станува збор?

Па да, еве видете, тука се наоѓаат контејнери и медицински фрижидери на кое има термометри за да се прати температурата и по два пати во денот ја мериме температурата“,

ни објасни Славица Јуруковска, раководителка на депо за лекови ЈЗУ „Здравствен дом – Скопје“.

Свесни за комплицираноста на постапката – имајќи ги предвид неопходните ниски температури, европските земји го одредија амстердамскиот „Схипхол“ за неформален главен транспортен центар за диструбуција на вакцините. Од овој аеродромот веќе се пренесуваа многу од вакцините во фазите на испитувања.

Додека фармацевтските компании се во трка за прозиводство на вакцина против коронавирусот, надлежните власти се соочуваат со предизвик – како вакцините, кога ќе бидат подготвени, масовно да ги транспортираат низ светот. Дали такви капацитети има во земјава?

„Ние, во моментот, не сме во можност да складираме такви вакцини, зашто нашите медицински фрижидери се набавени за чување на вакцините и инсулините каде температурниот режим треба да биде од 2 до 8 степени, додека брзите тестови за ковид-19 бараат нешто друго и тие може да се чуваат на собна температура од 2 до 30. Така што, да видиме, да почекаме од кој производител ќе ги набавиме вакцините и кои температурни разлики и режим ќе ги бараат, па ние да се спремиме“,

вели Јуруковска.

„Се подготвуваме и за фајзеровата вакцина зашто преку Ковакс системот во кој ние аплициравме не знаеме, ниту една земја знае, која ќе биде првата вакцина која ќе стигне, така што мора да имаме спремни капацитети за која било вакцина да ја пречекаме, да ја складираме и соодветно да ја транспортираме. Последните информации за вакцината на Фахзер се дека треба да се чува на температура од -70 степени, но има од 2 до 6 дена период за транспорт и дистрибуција на вообичаена температура, што значи дека може да се транспортира на оваа вообичаена температура и понатаму да се складира на -70 за што веќе добивме една понуда од една американска фондација која сака да ги донира фрижидерите во кои би ги чувале потенцијалните фајзерови вакцини“,

тврди министерот Филипче.

Друг аспект е достапноста на вакцината. Здравствените власти, преку ковакс механизмот, засега аплицирале за вакцини за 20 отсто од граѓаните. Државата не планира вакцинирањето да биде обврзувачко, туку доброволно, а граѓаните се воздржани.

„Јас нема да ја примам зашто не сум сигурен во вакцините што се излезени. Чекам да ми пратат од Русија зашто знам дека таму е готова вакцината и треба да ми донесат.“

„Па и не мора. Во прва фаза не. Откако ќе се потврди баш онака здраво, зашто во се сомневам, денешно време е сомнително.“

„Би ја примил, што да правиме.“

„Никако, нема потреба.“

„Да, зависи кој е производител, како што излегува работава сите се преваранти, не се знае што е сигурно, што не е сигурно, на фармацевтската индустрија не може да и се верува“,

велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Филипче уверува во спротивното – дека сите 4 вакцини кои се во игра за набавка се безбедни за населението.

„Сите 4 вакциникои се во најнапредна фаза на клинички испитувања се развиени врз основа и на досегашните вообичаена платформи за развој на вакцини кои се сосем безбедни. Всушност, и самото тоа што има ефект, веќе се создадени антитела кај сите кои учествувале во клиничките испитувања, говори дека се безбедни. Во таа смисла, нема потреба од сомнежи, ние се соочивме со еден силен притисок од антиваксерите за време на минатогодишната епидемија на морбили, но сега сум прилично сигурен дека граѓаните, пациентите се свесни што значи вакцината кога се соочуваме со пандемија на една болест за која во овој момент немаме соодветен инструмент“,

појаснува тој.

Приоритет во вакцинирањето, според комитетот за имунизација, ќе имаат здравствените работници, постарите лица и хронично болните. Утврдено е и каде ќе се врши вакцинирањето против ковид-19  – ќе се користат постоечките пунктови за имунизација и здравствените домови. Надлежните сметаат дека системот ќе функционира и дека ќе нема проблеми во динамиката. Треба да личи на вакцинирањето против сезонски грип.

Извор: 360 Степени

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close