(ВИДЕО) 360° Анализа: Какви се индиректните последици за здравјето на граѓаните од ковид-19? Колку од прегледите и контролите за други болести се откажани

Македонка и Мисрете веќе неколку години се пациентки на Клиниката за онкологија, откако имале успешни операции. Македонка е од Велес и изминатиот период активно е посветена на помош и поддршка на други пациенти со карцином.

Болеста и е таква што мора постојано да се грижи и за своето здравје, со редовни контролни прегледи. Но, поради епидемијата со ковид-19 не може да го направи препорачаниот ехо-преглед.

„На пет-скенот крајниот наод ми е дека треба да правам ехо на дојка, а термин нема. Значи, овој месец нема, јули ќе видиме дали ќе има. Нашата дијагноза многу зависи од тие контролни прегледи. Не можеме ние да чекаме. Јас можам да пролонгирам недела или две, ама не 2-3 месеци. Требаше во март да правам контролни прегледи на ехо, сега веќе е јуни, јас ги немам направено. Три месеци кај болен од карцином е многу“

вели Македонка Икономова-Давчева, од групата за помош на пациенти со карцином „Љубов сме“.

Мисрете од Куманово дошла во Скопје за да ги провери тумор-маркерите, но и за гинеколошки прегледи кои не успеала да ги закаже преку „Мој термин“.

„Јас правам на 6 месеци редовни контроли. Ехо-прегледите ќе ги правам приватно.
-Не можете да чекате?
Тоа ми е на психичка база. Може да се пролонгира, но јас не сакам. Кој има услови на приватно, но би сакала и тука да се створат услови да се прават прегледите што се редовни на 6 месеци, зашто ние сме ризична категорија на луѓе“,

вели Мисрете Едипи од групата за помош на пациенти со карцином „Љубов сме“

Активистките на неформалната организација „Љубов сме“ се задоволни што успеале да издејствуваат барем терапијата со таблети да се доставува до домовите на пациентите, наместо да доаѓаат до Клиниката за онкологија каде ќе мора да внимаваат на одржување дистанца и мешање со други болни. Од големо значење, велат, е и тоа што Клиниката непречено функционира за пациентите кои се на зрачење и хемотерапија.

„Ние работиме цело време и зрачење и радиотерапија, но направивме некои измени со зрачењето. Амбулантските пациенти кои доаѓаат секојдневно и не лежат кај нас, не се мешаат со пациентите кои лежат, значи не се мешаа овие три месеци. Исто така, беше забрането било каква посета на пациенти.“

вели Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија

Васев се согласува дека пациентите со карцином не можат да ги пролонгираат прегледите на долг рок и очекува веќе од 15 јуни да почнат со редовни прегледи.

„Значи, снимањата за суспектни со малигни болести не треба да се одлагаат, апсолутно не треба. И тука би ги потсетил колегите, јас ги сфаќам дека беа загрозени со пациенти во директно снимање, но и ние директно ги зрачиме пациентите. Нашите сестри дневно даваат по 300 хемотерапии исто во директен контакт. Така што, сликањето за мамографија треба да се одржува редовно, ехото на дојка исто може малку да се одложи, но не многу“

додава Васев.

Меѓу првите кои алармираат за опасноста од ненавремени прегледи и интервенции се лекарите во примарното здравство. Претседателката на здружението на матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, вели дека кај нив е намален бројот на дневни прегледи, бидејќи пациентите се плашат од можна зараза. Но, од друга страна, постои опасност од влошување на здравствената состојба кај најризичните категории.

„Хроничните пациенти кои се со дијабетес, со нарушено функционирање на тироидната жлезда, пациенти кои имаат кила која им прави проблеми и се вклештува од време на време, пациенти со стентови, оперирани срца, значи сето тоа имаше потреба. Веќе се јавува едно нетрпение поради тоа што оној кој има проблеми со мокрењето сака да провери ПСА, параметар врз кој ќе се види има или нема промена, има потреба да направи ехо на таа простата, бидејќи ќе кажам болестите не можат да чекаат“

вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари

Во старата градска болница во Скопје, сега Клиника за хируршки болести, без закажани термини, имаат околу 300 пациенти дневно. Нивото на претпазливост поради коронавирусот е зголемено, па сомнителните случаи веднаш ги препраќаат во „8 Септември“.

„Треба на контрола да одиме за лактот, ме праќаат во „8 Септември“ Мерел тој тука сомнително му беше, температура имав. Ама цело време на сонце стоев“

изјави пациентка.

„Чекам нокт треба да вадам, го повредив пред карантинот и тоа треба на пластична хирургија. Дека денеска почнаа да работат со приоритетен упат сум, број 37 имам, саат ипол чекам на 75 години“

вели повозрасен пацинет.

„Две години не сум бил на урологија. Во државно одев, ама таму немаше место да се најде. 5-6 месеци барам да појдам на урологија, не можам да најдам. Сега овде со упат за 24 часа завршив“

вели друг пациент.

„Итноста ја одредуваме по влегување на пациентите по амбуланти и не значи дека тој што не е итен го враќаме. Ви велам, ги продолжуваме тие процедури, само ги замолуваме, на пример, додека чекаат снимки од рендген, баш деновиве тоа разговараме, надвор да ги чекаат, да не седат внатре по ходниците. Пациенти кои направиле снимање или дале крв за анализи и да не се групираат оние што не биле прегледани и оние што чекаат резултати“

вели Љубен Арсенков, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“-Скопје

Арсенков објаснува дека настојуваат да не ги враќаат пациентите кои дошле кај нив за помош, но внимателно прават тријажа.

„За одредена патологија, на пример, пациент кој има кила, хернија, кој што се жали дека му прави одредени тегоби при одреден напор, движење, работа, тој пациент го одлагаме за поповолни времиња. Меѓутоа, ако килата се вклештува, тогаш го ставаме во тие итни или полуитни пациенти“

додава Арсенков.

Според податоците кои „360 степени“ ги доби од Министерството за здравство, „Св. Наум Охридски“ е болница со најмногу извршени прегледи без термин и итни случаи, околу 34 000 во изминатите два и пол месеци. Од друга страна, најмногу одложени прегледи има на Клиниките за кардиологија, урологија и патолошка физиологија и нуклеарна медицина.

Кога станува збор за закажаните прегледи преку системот „Мој термин“ во целата мрежа на здравствениот систем, во периодот од 18 март до 5 јуни биле закажани близу 232 илјади прегледи. Од нив, како откажани во системот „Мој термин“ се водат 55% или близу 128 илјади, додека како извршени 45% или 104 илјади.

Сепак, бројот на откажани прегледи во „Мој термин“ не ја дава реалната слика колку луѓе се уште не се прегледани. Причината е што 104-те илјади прегледи кои се извршиле според „Мој термин“ се само 21% од вкупниот број извршени прегледи во овој период. Околу 44% или 223 илјади прегледи во изминатите два и пол месеци се извршени без термин, а уште 173 илјади или 35% од реализираните прегледи се водат како итни. Нема статистика колку од итните или прегледите без термин се за пациенти на кои им бил откажан терминот.

Според министерот за здравство Венко Филипче, не се загрозува здравјето на пациентите кои чекаат, бидејќи одложувањето на контролите е лекарска проценка.

„Токму тоа е проценка на стручниот колегиум и се одложуваат само тие кои што може да почекаат, согласно одлука на стручниот колегиум. Неколку клиники работат со системот „Мој термин“, на пример Клиниката за психијатрија работи така, Институтот за трансфузија во некои делови, а се друго што значи итна потреба се реализира по патека организирана во скеоја здравствена установа“

изјави Венко Филипче, министер за здравство

Според најавите на Филипче веќе од средината на јуни се очекува враќање на нормалното работење на болниците, но со делумни измени – прегледите ќе траат подолго, а каде што може, ќе се спроведува он-лајн комуникација со пацинетите.

Македонка и другите пациенти се свесни дека мерките кои налагаат намален капацитет на работа на болниците, од една страна, ги штитат нив како критична група. Но, од друга страна, се надеваат дека нема да останат заборавени, ако бројот на заболени со ковид-19 не почне да се намалува.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close