(ВИДЕО) 360° Борба за здив во болниците за ковид-19, ќе има ли место за сите?

Борба за здив на инфективните одделенија низ земјава. Новиот бран на заболени ги полни болниците за лекување на ковид-19.

Здравствените власти уверуваат дека системот е стабилен. Докторите се мобилизираат – но, за да се издржи притисокот, велат пресудно е поведението на секој поединец.

Дали е блиску или далеку времето кога ќе стане проблем да се стигне до доктор и болнички кревет?

По една недела на кислородна поддршка Ѓултене Идризи конечно дише самостојно.

„Многу бев болна. Не можев да дишам, температура… Не можев ни да зборувам. Од вчера почнав да зборувам. Апелирам до сите граѓани да се чуваат. Многу е лош вирусот“,

вели таа.

Пред да заболи од коронавирусот и таа била дел од медицинскиот тим на кумановската болница.

„Многу е лош вирусот. И јас не верував. Медицинско лице сум, работам овде. Од вчера сум подобра, фала на докторите и сестрите, многу не гледаат многу не чуваат. Апелирам до сите да се чуваат – дистанца и маска“,

вели Идризи.

Но, сите ја немаат нејзината среќа брзо да почнат да закрепнуваат.

По новиот бран заболени, просторот во инфективното одделение во Куманово е се потесен. Млади и стари, повеќе и помалку болни, на секој агол се води битка за здив.

„Освен што е тешко да се биде во оваа униформа, тешко е да се работи со пациенти кои имаат средна, па и тешка клиничка слика. Голем процент од овие пациенти се на кислородна поддршка, голем дел од нив имаат коморбидитети“,

вели д-р Данијел Трајановски .

Дополнителен проблем е што болницата нема централен довод на кислород, па и боците со чија помош дишат пациентите, мора да бидат под постојан надзор и да се менуваат.

Лекарите што го прележаа вирусот се враќаат на должност. Меѓу нив е и Даниел Трајановски, кој верува дека се инфицирал при обид за реанимација на пациентката која беше запишана како прва жртва од коронавирусот во земјава.

„Сите што бевме на реанимација, можам да кажам дека сите излеговме позитивни. Сега кога се присетувам на тој момент и таа слика пред мене, каде што сите даваме напори, но не можеме да ја спасиме пациентката, е навистина трогателно за сите нас“,

вели Трајановски.

Додека едни под исклучително тешки услови за работа се борат за животот на оние што се сместени во болницата, други примаат на преглед нови пациенти со симптоми на коронавирус.

„Снимавме рендгенска снимка. Дијагноза беше запеление на плуќа и чекаме резултати од крвната слика“,

вели Трајановски.

Болницата во Куманово, која беше најсилно погодена од првиот бран, се уште  кубури и со простор и со кадар. Напливот на нови пациенти од почетокот на јуни дополнително го отежна планот за ротација на кадарот.

„На ниво на цела болница 10 отсто од персоналот беше инфициран, што не е мала бројка. Замислете ги и контактите кои беа отстранети и друго нешто, ние со уредба на Влада моравме да обезбедиме дел од персоналот затоа што имаат дијагнози заради кои не треба да бидат присутни, тоа додатно ни ја отежнуваше работата. Значи, намален персонал по секоја основа“,

вели д-р Снежана Захариева – Директорка на ЈЗУ Општа болница – Куманово

Инфективниот оддел во кумановската општа болница во моментов е целосно исполнет. Доколку има потреба, во поголемите соби може да се донесе уште по еден кревет.

Освен во инфективното одделение во Куманово борба со ковид-19 се води и во неколку други болници во различни градови во земјава. Но, најтешките случаи, односно пациентите кои имаат и други сериозни заболувања или се во тешка состојба поради самиот вирус, се носат во Скопје.

Главна болница за тешките случаи кај кои е потврден вирусот е Инфективната клиника во главниот град. Но, времето поминато во транспорт може да биде кобно за пациентот. Па, штом стигне итната помош, почнува трката со времето.

Најтешката борба се води на првиот кат каде е одделот за интезнивна нега. Оние кои закрепнале, велат – никому не му посакуваат да го доживеат нивното искуство.

Според директорката на Клиниката, причина за смртта кај половина од заболените е што предоцна се јавиле на доктор. Стевановиќ тврди дека секој што има итна потреба од лекарска грижа – ја добива, но апелира да се почитуваат правилата и луѓето навреме да се јавуваат кај матичниот лекар.

„Секако пациент со развиена симптоматологија се упатува во здравствена институција. Само ние денеска сме имале многумина такви, кои имаат сериозна клиничка слика и денеска побарале да бидат тестирани. Секако, се проследува здравствената состојба, тестот оди паралелно и се трудиме секој пациент да го згрижиме. Но, тоа значи растурање на системот што сме го поставиле, значи намалување на капацитетите, избивање од патот, сето тоа успорува комплицира и го растура системот“,

вели д-р Снежана Захариева – Директорка на ЈЗУ Општа болница – Куманово

Капацитетот на Инфективната клиника во моментов е речиси целосно искористен, па од минатата недела во функција е ставена и помошната монтажна болница.

Проблеми со ресурсите, пред се со кадар, има и во вториот најголем центар во главниот град – болницата „8 Септември“.

Дневно таму се примаат и по 20 пациенти болни или сомнителни на ковид-19 кои имаат потреба и од други лекарски интервенции. А освен во Скопје, капацитетите се полнат и во другите инфективни одделенија низ земјава.

Во моментов, за борба со ковид-19 во Скопје на располагање се 110 кревети на Инфективната клиника во Скопје, 70 легла во монтажната болница, 360 кревети во „8 Септември“ и 75 легла во болницата во Козле. Во Тетово предвидени се 100 легла за пациенти заболени од вирусот, во Битола 50, во Штип и Велес по 35, во Охрид 25 легла, Куманово 21, Кавадарци 16, Прилеп 25 и во Гостивар 18 легла.

Денешната состојба со слободни кревети и следна:

Во централната болница – Инфективната клиника во Скопје, пополнети се 85% од просторните капацитети. Затоа и полека се полни монтажната болница, каде пополнетоста е околу 17%. „8 септември“ е пополнета со 44% од капацитетот на легла а болницата „Козле“, кој штотуку почна да прима пациенти има зафатеност од 1%. Во Тетово зафатени се 11% од креветите, во Битола 70%, во Штип 57%, во Велес 46%. Во Охрид капацитетот и речиси исцрпен со 96%, како и во Куманово со 86%, додека во Кавадарци, ковид центарот е речиси подготвен, но засега е празен. Во Прилеп исполнетоста е околу 40%, а во Гостивар 55 % Или сумирано, од 940 легла ставени на располагање во моментов, зафатени се 411, или речиси 44%.

Сепак, оваа статистика може лесно да залаже, бидејќи сите центри не се еднакво опремени. На пример, во голем дел нема централен систем за кислородна поддршка. Уште поважно, најголемиот предизвик е што за лекување на овие лица потребни се цели медицински тимови, кои веќе недостасуваат.

„Се работи за вирус којшто е чудовиште, којшто само можеби само влегува преку дишниот пат, а во суштина нема орган којшто не го засегнува, почнувајќи од срцето, црниот џигер, панкреасот, мозокот, со голем број на компликации. Така што, потребна ни е сериозна поддршка од аспект на недостиг на кадар којшто да кажам е преморен и бројката на пациенти е презахтевна за да може да се одговори со овој кадар“,

вели д-р Марјан Баловски – пулмологот од ГОБ „8 Септември“

Министерството за здравство верува дека системот за ротација на докторите ќе функционира и дека со помош на медицински лица од другите одделенија, како и со поддршка од кадарот и просторот во приватните клиники, успешно ќе се амортизира ударот од новиот бран на заболени.

Сепак, медицинските лица се согласуваат дека ниту еден систем не може да издржи ако нема поддршка од граѓаните и потсетуваат дека за лекарска помош чекаат уште илјадници други што имаат проблеми неповрзани со ковид-19.

„Не е фер некој со неверувањето и непочитувањето на мерките да загрозува туѓо здравје, никогаш не знаеме кој може да е пациент. Можеби токму некој што не ги почитува мерките ќе имаат некој свој близок и верувам дека тогаш малку поинаку ќе размислуваат, ама никому не му посакувам такво нешто“,

вели д-р Захариева.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close