(ВИДЕО) 360° Чаир останува рекордер по бројот на активни случаи – сликата од терен се чини подобра, но се уште е далеку од добра

Откако по првиот бран навидум се смири, вториот бран на ковид-19 и по неколку недели не покажува знаци на ослабување. Засега нема проценки кога заразата ќе спласне, но се знае што ја разгоре.

„Тоа се кластери „мекици Охрид“, кластери „слава Ресен“, кластери „свадба Скопје“, кластери „ифтарски вечери“ и за жал кластери „погреби“. Ова се големи кластери на кои имаат присуствувано од 50 до 150, а некаде и 200 луѓе.“

рече на 18.06.2020, Иринка Сотирова-Бухова, директорка на Државен санитарен и здравствен инспекторат.

Половина од активните случаи во земјата во моментов се од Скопје, а во границите на главниот град веќе со недели најкритичен е Чаир.

„Во одредени делови на Чаир имало трпези од по 30 метри со 100 луѓе“,

рече на 08.06.2020, Жарко Караџоски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Ќе запре ли растечкиот тренд и кога?

Чаир уште за време на полициските часови беше една од општините за кои имаше голем медиумски интерес. Во повеќе наврати камерите ловеа како не се почитуваат ниту мерките за безбедност, ниту ограничувањето на движењето.

Ситуацијата сега се чини подобрена, но и со простор за уште поголемо подобрување. Низ општината се уште има многумина кои не ги почитуваат препораките на здравствените власти.

„Треба да се дисциплинираат и да ги применуваат сите упаства што ќе ги дава здравствениот систем“,

вели граѓанин.

„Некои се обидуваат да ги почитуваат, некои не. Не, децата на улиците не носат маски, во населбите не носат маски. До кој е, до мајката или до таткото, до некого е“,

вели граѓанин.

„Граѓаните треба да го сторат тоа што го вели медицината, некои го прават тоа, но некои не го прават. Носат, но не сите, јас за себе секогаш го правам тоа, но младите не се занимаваат со таа работа“,

вели граѓанин.

Додека едни очигледно не ги почитуваат мерките, други жители на Чаир лежат болни и ги губат животите. Деновиве придружувавме екипа на Центарот за јавно здравје во општината, која тестираше лице кое било во контакт со заразен човек.

„Денеска бевме заедно за да видите како се изведува самото земање брис. Се работи за случај кој имал контакт со позитивен и сега, најверојатно, има некои благи симптоми кои, сепак, едноставно ги натерале докторите од кај нас, односно решиле дека треба да се направи налог и да дојдеме да земаме брис. Момчето се чувствува добро, така што тоа е во секој случај одлично во целава ситуација. Ние го земаме брисот, го носиме во Институт за јавно здравје, го испитуваат и гледаат дали е позитивен или негативен“,

вели Денис Јанкуловски, медицински техничар на одделение за епидемиологија во ЦЈЗ.

Оваа слика во општината е честа. Од Центарот за јавно здравје – Скопје велат дека Чаир е рекордер во главниот град по бројот на брисеви кои секој ден ги земаат државните институции.

„Значи во Општина Чаир, моментално, се земаат највеќе брисеви, има најмногу позитивни. Овие резултати ги добиваме врз база на испитувањата кои ги упатуваат матичните лекари и гледаме дека има многу зголемување на бројот на заболени. Така што екипиве се секојдневно пристуни на Чаир, дури понекогаш и две екипи се таму, опфаќајки ги и Бутел, Шуто Оризари, Гази Баба, тука се најмногу собрани луѓе“,

вели Зоран Цаневски, одделенски техничар во одделение за епидемиологија на ЦЈЗ.

Но, освен здравствените власти чија улога е да ги дијагностицираат и лекуваат болните, значајна улога во превенцијата би требало да има и Кризниот штаб во општината. А токму првиот човек на Чаир, градоначалникот Висар Ганиу и самиот го прележа вирусот.

Тој негира дека општинскиот Кризен штаб не успеал да се справи со ситуацијата и, според него, зголеминот број заболени е последица не на последните недели од полициските часови, туку на владината одлука да се олеснат мерките.

„Овде не сакам да се амнестирам, но има институции каде навистина сме побарале неколку пати да направат подетална и темелна анализа, затоа што ги имаат тие кластери, ги имаат семејствата каде што се идентификуваат и врз оние протоколи што добиваат информации засновани на истражувања, треба да излезат со став да се знае што точно е причината што вирусот влезе во Чаир“,

вели Ганиу.

Дека ифтарските вечери не се причина за експлизијата на бројот на заразени во Чаир е мислење што, со доза на емоции, го делат и други граѓани на општината.

„Ги наметнуваат ифтарските вечери. Можеби имало, ама не во толкава мерка, ете на пример, јас на ниту еден ифтар не бев“,

вели граѓанин.

„Мислам дека ова е од собиранкиве пред банките, во продавници, во поштата, тука мислам дека е проблемот“,

вели граѓанин.

Кои и да се причините и чија и да е вината, факт е дека во моментов Чаир има најмногу заболени во Скопје и тоа од неколку кластери како извор на ширењето на ковид-19.

„Во Чаир, ако порано луѓето бараа име и презиме кој е заразен со вирус, денес имате примери од градоначалникот на општината, членовите на моето семејство, многу другари, имаме директори на институции кои се заразени. Имаме сограѓанин речиси во секое соседство што е во изолација, кои имале симптоми, некои завршија во болниците. Вирусот треба да се има во предвид дека постои, вирус кој се шири толку брзо. И ние што треба да правиме? Не треба некој да не казнува нас, ние мора да бидеме дисциплинирани, за себе да ги спроведуваме сите оние мерки што излегоа во согласност со препораките дадени од централната власт“,

вели Ганиу.

Во вакви околности, постои само еден сигурен излез – и за Чаир и за сите други општини. Бидејќи има многу луѓе кои се носители на вирусот, а немаат симптоми, секој треба да носи маска и тоа и преку лицето и преку носот, редовно да ги мие рацете и да одржува растојание од околу два метра од останатите.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close