(ВИДЕО) 360° Интервју со европратеникот Ќучук: Бојкотот не е алтернатива, ЕУ сака политичка власт во С. Македонија

Претстојните избори се повеќезначни на патот на С. Македонија кон полноправна членка на ЕУ, вели во кратко интервју за „360 Степени“, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент. Од една страна е демократичноста на самиот процес, а од друга потврдувањето на државата како НАТО и идна членка на ЕУ.

Во последното интервју рековте дека во Северна Македонија треба што поскоро да се организираат избори за земјата да добие политичка влада и функционален парламент. На што го темелите овој ваш став?

Имам основа за тоа, зашто секоја техничка власт е ограничена во својот мандат и овластувања. Затоа и се нарекува техничка влада – за да организира избори, тоа е главната цел на секоја таква дефиниција. Оттаму даѓаат и политичките прашања – кој ја носи политичката одговорност, за да има политичка одговорност треба да има и силен парламент кој ќе ја контролира власта. Погледнато од европска перспектива, сите ние имаме интерес да има политичка власт во Република Северна Македонија, со силен парламент кој соодветно ќе ја контролира.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ засега е на став дека нема услови за брзи избори. Како во Брисел би биле оценети евентуални избори на кои најголемата опозициска партија би повикала на бојкот?

Бојкотот не е алтернатива. Сакам да потсетам зошто Северна Македонија успеа во неколкуте последни месеци и години – зашто имаше функционален парламент, имаше демократски институции кои разговараа меѓусебе, извршната власт ја имаше својата улога, но за низа законски решенија бараше поддршка и од опозиција. Во една функционална либерална демократија има потреба и од двете, плус и задолжителното вклучување на граѓанскиот сектор. Процесот на преговори е многу тежок, минува низ различни етапи и затоа јас не гледам како ќе најдат друга политичка партија која би ги решила тешките политички прашања што претстојат. Можам да ви дадам и поинакви примери, како Република Србија или Република Црна Гора кои имаа отстапувања од преговарачкиот процес за што и Брисел ги критикуваше. Главниот аргумент беше токму тој – недостатокот на дијалог меѓу опозицијата и власта. Тоа е огромен проблем за балканските држави од кој треба што е можно поскоро да се ослободиме. Решението на ситуацијата во Република Северна Македонија е да се најде консензус меѓу политичките сили, да има јасен приоритет поврзан со членството на земјата во НАТО, што е реализирана цел, и членството на земјата во ЕУ. Само тогаш земјата ќе успее да се движи по јасен пат.

Европската комисија ги најавува предлог-преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија за почетокот на јуни, а извештаите од пакетот за проширување за наесен. Кога би можело да се очекува одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија?

Ковид-19 смени многу нешта. Среќен сум поради еден предзнак, среќен можеби е пресилен збор… Кога светот се затвори, ЕУ најде внатрешна сила да се отвори кон Западен Балкан. Оттука натаму тргнуваат и конкретните чекори што треба да се изодат. Мојата желба е во текот на јуни да има јаснен патоказ за Република Северна Македонија, да биде разработена методологијата за преговарачкиот процес. Најверојатно и Европска комисија ќе настојува за такво нешто. Тоа е оптимистичкото сценарио. Песимистичкото сценарио е тоа да се случи во септември што е поврзано со изборите во Република Северна Македонија. Европската комисија и Европскиот парламент го очекуваат спроведувањето на изборите во Северна Македонија за да се напише извештајот. Јас како известувач ги очекувам изборите зашто тие се демократскиот лакмус во секоја држава. Нема што да зборуваме за спроведување на законите, слободата на медиумите, основните човекови права и слободи ако прво не зборуваме за демократскиот процес на една држава. Од таа гледна точка, изборите имаат и такво значење. Од уште еден аспект, јас сум дел од т.н Жан Моне форматот. Сакаме да продолжи активното партнерство со колегите од Скопје зашто имаме незавршена работа. Тој процес беше започнат во претходниот состав, активно се вклучивме со тој мандат, се одржа една средба, но во Деловникот има многу отворени прашања кои треба да се договорат и утврдат, да се постигне консезус за да не се навраќаме на претходните точки, не сакам да ги споменувам настаните што се случија во парламентот, и да продолжиме напред со работата. Од трета гледна точка, изборите имаат суштинско значење за земјата да утврди сопствен јасен меѓународен профил на НАТО-членка и европска држава. Тоа е исклучително важно за иднината на земјата.

Вашата политичка партија не е дел од владејачката коалиција во Бугарија, но добро ги познавите состојбите во вашата земја. Дали Бугарија може да го блокира одржувањето на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија?

Многу пати сум кажал, и пред вашите и пред бугарските и пред медиумите во Брисел, двете земји имаат заедничко минато и треба да имаат заедничка иднина во рамките на ЕУ. Ако има отворени прашања, тие треба се решаваат низ дијалог. Посакувам Република Северна Македонија и Република Бугарија да бидат како Германија и Австрија во ЕУ – да бидат блиски држави, да имаат заедничка политика, да ја создаваат иднината на ЕУ. Според мене, тоа е најважно. Современиот стратешки интерес на целиот регион и на ЕУ е земјите од Западен Балкан да станат дел од Унијата. Тогаш сите ќе бидеме послободни, побезбедни, а ако сакате и попросперитетни.

Back to top button
Close