(ВИДЕО) 360° Избори VS ковид 19 – како ќе се гласа

Во очекување на договор за датумот стана речиси извесно како ќе изгледа гласањето за пратеници во време на епидемија од коронавирусот. Според стручните препораки на Комисијата за заразни болести, потребни се низа мерки за самиот чин на гласање да не биде и чин за ширење на ковид-19.

Просторијата во која ќе се гласа треба да биде со отворени прозорци или да се проветрува секој час. Во неа треба да има поставено средства за дезинфекција и корпа за отпадоци. Членовите на гласачките одбори и набљудувачите да се на растојание од 1,5 до 2 метра, со заштитни маски и ракавици. Во просторијата ќе биде дозволено да бидат присутни најмногу онолку гласачи, колку што има паравани за гласање. При влегување гласачот прво ги дезинфицира рацете. Потоа, при подавање на личната карта, ја симнува накратко маската за идентификација и стои на дистанца од членовите на избирачкиот одбор. Гласа и на излегување повторно ги дезинфицира рацете. Редот за гласање се формира надвор од просторијата за гласање согласно безбедносните протоколи, со дистанца од два метра.

Комисијата за заразни болести предложи, а партиите прифатија гласањето да се продолжи за 2 часа. За оние, пак, кои ќе бидат во изолација, ќе се примени моделот за гласање на болните и изнемоштените лица, со посета од избирачките одбори дома и асистенција од медицински тим.

Согласно стручните препораки, извршната власт веќе даде насоки за сите гласачки места да бидат опремени со средства за заштита.

Владата со Уредба го задолжи Министерството за здравство, по добиените податоци од Државната изборна комисија и според препораките на Комисијата за заразни болести, да обезбеди маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи, како и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Додека Владата веќе постапува по препораките на Комисијата за заразни болести, во Државната изборна комисија нема таков ентузијазам кај сите членови. На пример, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, кој доаѓа на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, има забелешка што документот е наречен „стручни препораки“, а не протокол.

„Различно е препорака, различно е протокол, заради лоцирање на одговорноста за она што е напишано внатре. Не сакам ДИК на крајот на процесот да биде посочена како одговорна за одредени пропусти во целиот процес, затоа што ние сме дале некаква инструкција која не е согласно протокол, туку е согласно некоја препорака која можело да биде и ваква и таква“,

кажа Деркоски на седница на ДИК изминатиов петок.

Членови на ДИК предложени од власта не ги делат резервите на претседателот.

„Тоа е официјалниот документ со кој ние располагаме. Мислам дека е неумесно ние да си нарачуваме содржина или да си пишуваме самитедали е соодветно или несоодветно. Ние не сме медицински лица и да ја ревидираме содржината на тие здравствени документи. Ние треба соодветно да ги имплементираме во делот на нашите упатства поврзани за спроведување на процесот“,

кажа Борис Кондарко, член на ДИК.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе калкулираа со тоа колку време би му требало на еден гласач за да го оствари своето демократско право, во посебни услови. Пред близу еден месец, проценките беа едни.

„Епа по препоракиве на вашава Комисија 10 минути е едно гласање“,

кажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на дебата на ТВ 24.

На почетокот на овој месец, проценките беа други.

„Симулиравме, најмалку три минути се потребни по гласач“,

рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при гостување во ТВ21.

Од граѓанската асоцијација МОСТ, која 18 години ги набљудува изборните процеси во земјава, велат дека е рано за пресметки – колку точно време ќе биде потребно за да се гласа. Според Дарко Алексов, тоа ќе зависи и од самиот гласач  и од уиграноста на избирачкиот одбор.

„Факт е дека нема да оди со таа динамика со која што одело кога се гласало во нормални услови“,

вели Алексов.

А бидејќи ќе оди побавно, тој смета дека е добро што изборниот ден е продолжен за 2 часа.

„Ако треба малку повеќе време за гласање, доволно е да се продолжи денот на гласање, а со тоа и самите граѓани да можат да си го остварат своето право на глас. Се разбира, повторно ќе кажам, маскимално дисциплинирано и со почитување на сите мерки коишто ќе бидат предвидени во рамките на процедурата“,

додава тој.

Препораките на Комисијата за заразни болести, од асоцијацијата „Мост“ ги оценуваат како позитивни, за каков било изборен циклус. Велат, конечно ќе се стави ред на избирачките места, но некој треба да ги увери гласачите во тоа.

„Мора да се случи масовна едукативна кампања за тоа дека гласањето нема да биде опасно, да им се посочат сите мерки кои ќе бидат преземени, како и да им се посочат мерките кои граѓаните ќе мора дисциплинирано да ги почитуваат при чинот на гласање, односно кога ќе појдат на гласачките места. Доколку ги почитуваме мерките, не би требало да има никаков проблем“,

вели Алексов.

Стручните препораки за изборниот процес се едни од многуте кои ги донесе Комисијата за заразни болести откако земјава се соочи со коронавирусот. Работата на супермаркетите, трговските центри, кафулињата се само дел од другите слични документи. Токму поради тоа што и за време на полициските часови, под посебни услови, работеа разни објекти каде имаше ограничено групирање, министерот за здравство смета дека изборите не се опасност за здравјето на граѓаните.

„Кој било настан во кој луѓето и организаторите ќе се придржуваат до протоколите, на дадените препораки на Комисијата за заразни болести, апсолутно не претставува ризик по граѓаните“,

вели министерот за здравство Венко Филипче.

Додека вниманието е на одлуките на политичарите, „360 степени“ за мислење ги праша и оние што гласаат – граѓаните.

„-Би гласале?

Би гласал“,

„Не би гласал и не би требало да има“,

„До октомври може да се смени на полошо ситуација. Што знам, 50-50 би рекол“,

„Па мора да има избори, нема овдека никаква влада. Боље да се знае кој е Влада и тој ќе си одговора ко ќе биди понатака работава“,

„Ќе излезам не се плашам, ќе го дадам мојот глас“,

„Ќе гласате?

-Ќе гласаме, сигурно“,

велат граѓаните кои ги анкетиравме.

И шефот на државата во петокот изрази увереност дека институциите ќе обезбедат безбедно гласање. Тоа е услов за кој има согласност од сите политички партии, рече претседателот и упати порака до избирачите.

„Јас знам дека најголемиот број од нашите граѓани не размислуваат за избори во време кога имаме пораст на заболени, меѓутоа, избори, и во време на корона, која нема да замине наскоро, се неопходни за да добиеме функционален, наместо распуштен парламент и легална и легитимна, наместо техничка влада“,

кажа претседателот Стево Пендаровски во обраќање до граѓаните.

Парламентарни избори среде корона-криза се одржаа во Јужна Кореја, а во Франција на 28 јуни треба да се случи втор круг од локалните избори по првиот на 15 март. И таму гласачите следеа слични препораки за заштита од ковид-19 при остварување на демократското право.

Во регионот избори во ек на епидемијата се закажани во Србија и Хрватска.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close