(ВИДЕО) 360° Како ДИК да се ослободи од партиските пранги
Државната изборна комисија е тело составено од седум члена кои се професионално ангажирани за да спроведуваат избори. Но, само во последните неколку години, довербата во телото ја разнишаа два случаи.
Во „бомбите“ објавени во 2015 година можеше да се слушне како одлуки се носеле не по професионално убедување, туку по партиски диктат.
Аудио бомба: Разговор Мендух Тачи – Бедредин Ибраими
„Ќе гласаш за овие да се поништат?“
-За две минути.
Ќе гласаш да се поништат, бидејќи се договоривме за Чаир“,
Договорот бил членовите на ДПА и ВМРО-ДПМНЕ да ги надгласаат членовите на СДСМ и ДУИ, се слушна во осумте аудио бомби презентирани од Специјалното јавно обвинителство
Поради ова, на крајот на 2015 година, Комисијата доби експерти за претседател и заменик-претседател, предложени и поддржани од сите партии. Но две години подоцна и тој состав беше принуден да си замине.
Членовите на Државната изборна комисија од тоа време на затворена седница си поделиле бонуси од 5 месечни плати за изборите во декември и бонус од 4 месечни примања за изборите во октомври. Оставките следуваа по жестокиот притисок во јавноста дотаму што беше спроведена онлајн-петиција за колективна оставка на комисијата по скандалот со бонусите кој го обелодени амбасадорот Бејли.
Актуелниот состав на Државната изборна комисија беше избран во летото 2018 година со привремен мандат од 6 месеци, за да го спроведат референдумот. Неуспехот на партиите да се договорат за реформа на изборниот систем им го продолжуваше мандатот, па тоа е составот што ќе ги спроведе и предвремените парламентарни избори на 15 јули. Последното продолжување на нивниот мандат го направи Владата преку Уредба со законска сила.
Претседател на ДИК е Оливер Деркоски, кој заедно со Елизабета Постоловска се избрани од Собранието на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседателката на Комисијата е од ДУИ, Дитмире Шеху. БЕСА има еден член Енвер Салихи, додека владејачката СДСМ има тројца свои претставници Јанаќе Витановски, Радица Ристеска и Борис Кондарко.

Ако се земат предвид предизборните коалиции, СДСМ и БЕСА имаат мнозинство во ДИК, но тие зависат и од претседателот на институцијата. На пример, Дерковски и Шеху се тие што можат да свикаат седница, иако формално право да побараат седница имаат и останатите членови, како што се случи минатата недела.
Членовите и на овој состав, иако доаѓаат на предлог на партии, тврдат дека се непристрасни во одлучувањето.
„Досега на Оливер Деркоски тешко дека некој му диктира“, вели Деркоски за „360 степени“.
„Мојата работа и мојот глас тука се однесуваат според мое лично убедување“, ни кажа Шеху.
„Јас секогаш постојат записници давам свое образложение“, тврди Кондарко.
Сепак, одредени неодамнешни постапки и јавни настапи на членови на Комисијата оставија поинаков впечаток, откако поради епидемијата со ковид-19 со владина уредба се одложија изборите закажани за 12 април. Владината уредба предвидуваше во моментот кога вонредната состојба ќе заврши, изборните дејствија да продолжат онаму каде што застанале.
Откако стана јасно дека претседателот Стево Пендаровски нема во недоглед да ја продолжува вонредната состојба, а партиите немаа договор за датумот за избори, првиот човек на ДИК настапи со тврдење дека е потребен подолг период за ажурирање на избирачкиот список од 22-та дена предвидени со владината уредба.
„Добиваме суров материјал, наредниот ден се декриптира. Затоа велам дека за оваа операција се потребни помеѓу 45 и 50 дена. Јас ги разбирам политичарите и нивните мотиви, но јас морам да го почитувам законот“,
кажа прво Деркоски.
Откако на 13 јуни заврши вонредната состојба, членовите на ДИК тргнаа во потрага по Деркоски за да закаже седница за усвојување на роковникот за продолжување на изборните дејствија. Немаше трага ниту од Деркоски, ниту од неговата заменичка од ДУИ Дитмире Шеху.
Тој се јави преку државната агенција МИА дека нема намера да закаже седница додека не добие решение со нов датум за избори од претседателот на парламентот Талат Џафери.
„Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба“,
изјави Деркоски за МИА на 15.6.2020.
На ставот на Дерковски реагираше министерката за правда, Рената Дескоска, со потсетување дека со владина уредба е продолжен и мандатот на членовите на ДИК. Па ако уредбите не важат во редовна состојба, како што толкува Деркоски, тогаш ни тој ни другите членови на ДИК би биле на тие позиции.
„Уставниот суд вели: очигледно е дека продолжувањето на мандатот на членовите на Државната изборна комисија се протега на период по завршување на вонредната состојба, но тоа е во согласност со целта заради која е донесена оваа мерка – непречено спроведување на предвремените избори за пратеници по престанокот на вонредната состојба“,
реагираше Дескоска.
Но, откако Заев и Мицкоски постигнаа договор за избори на 15 јули, а Талат Џафери го коригираше решението, следуваше и нова владина уредба со прецизни рокови за изборните дејства.
Тогаш ДИК се реактивираше експресно и веќе немаше проблем ниту со кратките рокови ниту со важењето на владините уредби. Што го премисли Деркоски?

„Не. Јас, како што кажав, Комисијата работи согласно законите, во ситуацијата кога имаме се уште вонредна состојба ние мора да ги почитуваме уредбите со законска сила. Во моментот кога ќе престанат уредбите на сила се законите.
-Тогаш што ќе биде, ќе прекинете со одредени дејствија?
Не. Тогаш согласно изборниот законик, утврдени се дејствијата и продолжуваме со процесот“,
вели Деркоски за „360 степени“.
И додека Деркоски тврди дека не го сменил мислењето, колегите од СДСМ велат дека самиот си се демантира.

„Некои тврдеа дека владините уредби завршуваа кога ќе заврши вонредната состојба. Не е така. Кога ќе заврши вонредната состојба владата нема право да носи нови уредби, меѓутоа оние постојни уредби ние мора да ги применуваме и така и ќе работиме. Оние што ги оспоруваа владините уредби се оспоруваа самите себе бидејќи ние во ДИК изгласавме едногласен заклучок со кој прифативме согласно уредбата дека се она што е дотогаш завршено е важечко, а дека ќе се продолжи понатаму со преостанатиот дел на изборните дејствија и така и бидна, така и работиме“,
рече Кондарко за „360 степени“.
И потпретседателката од ДУИ Дитмире Шеху не гледа проблем во тоа што не била достапна за свикување седница. Вели дека претседателот Деркоски не бил спречен да свика седница, па немало потреба таа да му ја презема надлежноста.

„-Можно ли е да се собираат други уредби кои евентуално би ги донела Владата?
Уредбите на Владата се со законска сила и ние ги почитуваме. За што друго ќе се обратите кај други членови ако некој ги саботира. Значи кажувам мое лично мислење“,
уверува Шеху.
Потезите на членовите на ДИК изминатиов период се слика за нивната наводна независност од партиите, вели поранешниот прв човек на ДИК, Александар Новаковски. Тој забележува дека актуелниот претседател на Комисијата е контрадикторен во ставовите.

„Имаше изјави дека им треба 50 дена, дека треба одново да почне процес, тоа е недозволиво. ДИК е по закон да спроведува тоа што е донесено со уредби, тие мора да постапуваат. Еве сега да ве прашам. За мене вика не важи уредбата, за мене е прекината вонредната состојба и имаме изборен законик, другиот ден се продолжува вонредната состојба, сега што правиме, важи или не? Значи тие работи се недозволиви, ако сакаме да се тргнеме од партиите“,
вели Новаковски.
ДИК спроведува јавни набавки поврзани со изборниот процес, го ревидираше роковникот, ги повика партиите на потпишување Кодекс за фер избори и најави посета на избирачките места заради проценка дали е можно спроведување на мерките за заштита од ковид–19.
„Избирачките места сега ги проверуваат, требаа да се проверат далеку пред тоа затоа што сите знаевме дека ќе се гласа во услови на пандемија, дали помалку или повеќе заразени, таа ќе беше ситуацијата и да беше редовниот термин. Оваа не е критика, сега им треба поддршка, но мислам дека треба да избегнат да работат со партиски влијанија“,
додава Новакоски.
Новакоски предлага сосема нов модел за Државната изборна комисија. Составот да биде од експерти во областа, професори без политички багаж, а за полесно да се изгласа во парламентот, предлага партиите да добијат по еден член, но без право на глас. Ова засега се чини тешко остварлива идеја зашто партиите тешко би се откажале од влијание од ДИК за што потврда се и последните случувања во и околу Комисијата.
Извор: 360 Степени