(ВИДЕО) 360° Коронавирусот зеде 7 нови жртви, но има граѓани што се уште не веруваат дека постои – докторите предупредуваат

Три месеци по првиот случај на ковид-19 во земјава, период во кој се очекуваше епидемијата да се движи кон својот крај, регистрирани се рекордни 7 смртни случаи за едно деноноќие. Со тоа, бројот на починати од коровирусот, стигна до 140.

Статистиката која „360 Степени“ ја обезбеди од Институтот за јавно здравје говори дека еден од главните фактори за толку смртни случаи е што пациентите многу доцна се јавиле на лекар.

Бројките велат дека 7,4% од починатите од ковид-19 умреле уште пред да бидат хоспитализирани. 4,1% од жртвите починале при прием во болница, а дури 29,5% починале во првите пет дена откако биле примени во болница. Или, сумирано, 41% од пациентите кои починале предоцна биле донесени на лекар, па докторите имале малку опции да им помогнат. Останатите 42,6% од почнатите поминале меѓу 6 и 14 дена лекување во болница, додека 16,4 починале по двонеделна хоспитализација.

Раководителката на Одделот за инфективни болести при Градската болница „8 Септември“, Патриција Каламарас, каде во изминатото деноноќие починаа шест пациенти, вели дека наместо пациентите да се пријавуваат на време, се случува спротивното.

„Се почесто хоспитализираме пациенти коишто се во тешка општа состојба. Претпоставувам дека пациентите подолго чекаат да се обратат кај матичните лекари, кај тријажа, меѓутоа сакам да напоменам дека и за тежината на оваа состојба секако допринесува и транспортот затоа што од некои градови потребни се повеќе часови за да дојдат кај нас. Пациентите кои се во тешка општа состојба воглавно прво се обидуваме со кислородна поддршка меѓутоа ако се влоши состојбата сме приморани да ги поставиме на асистирана вентилација“,

вели д-р Патриција Каламарас –градска болница „8 Септември“. 

Д-р Каламарас не ја крие разочараноста од големиот број новозаразени.

„Можам да кажам дека со непочитувањето на препораките на одредени граѓани целиот наш труд за овие три месеци ни го фрлија во вода. Ние сме веќе изнемоштени, уморни сме како медицински кадар. Ние сме во одреден број во Република Македонија коишто перманентно работиме. Верувајте, некои и дома не се враќаме, а сега наидуваме на уште потешка фаза кога имаме нов налет на уште поголем број и уште потешки пациенти што ни доаѓаат“,

вели Каламарас.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, уверува дека ситуацијата се уште не е вон контрола, бидејќи иако расте бројот на новозаразени, тие генерално потекнуваат од познати кластери. Активно се работи во жариштата – Полог, Скопје и Штип.

„Освен рутината, треба да им се земат брисеви и на кластер–групите и на второ и на трето колено на контактите на овие лица. Да се направи скрининг и да се детектираат случаите со можен ковид-19. Ова се повеќе од рутинските брисеви што се земаат кои имаат основа на епидемиолошка анкета и симптоматологија. Ние сакаме да го зголемиме земањето на брисеви на овие лица за да можеме да ги детектираме и да ги знаеме позитивните со ковид-19“,

вели д-р Шабан Мемети – директор на Институт за јавно здравје.

– Нови кластери Ви се појавуваат?

Досега не. Јас реков дека 80 насто во град Скопје и во другите градови се кластерите што ги знаеме“,  

вели Мемети.

Според последните податоци, најмногу активни случаи од ковид-19 има во Скопје, но тие не се рамномерно распределени во сите општини.

Општина Активни случаи
Чаир 54
Сарај 38
Аеродром 29
Бутел 28
Гази Баба 27
Кисела вода 9
Ѓорче Петров 8
Карпош 8
Шуто Оризари 7
Центар 7

Најмногу има во Чаир – 54, па Сарај – 38, Аеродром – 29, Бутел – 28 и Гази Баба – 27. Останатите скопски општини имаат далеку помалку случаи, а на дното на листата е Центар со 7 позитивни.

Чаирските улици и денеска беа со стандардниот метеж по кој е препознатлива оваа скопска општина. Ги прашавме чаирчани колку се почитуваат мерките за заштита?

„Не се почитуваат баш како што треба. Повеќето луѓе не носат маски. Растојание не одржуваат.“

„Бројот се зголеми, од сите страни се појавуваат проблеми со овој вирус. Според мене, луѓето треба малку да бидат позатворени затоа што луѓето мислат дека ова е шега.“

За други, пак, чаирчани се дисциплинирани, иако бројките го покажуваат спротивното.

„Не, не, не е така. Тоа е неточно, со која цела го расширија овој „фалц – муабет“ не знам. Препораките се почитуват.“  

„Корона-скептицизмот“ овде е широко распростанет. Оние кои не веруваат дека вирусот постои би се увериле само ако ги видат заболените или ако запознаат заболен човек.

„Види колку народ има. Ниту еден не е болен. Еве во „Гази Баба“ живеам повеќе од 30 години. Еден човек не познавам што има ковид-19, а таму кажуваат дека има толкав број. Нека ги покажат, нека ги извадат на телевизија дека се заболени.

– Треба луѓето секој со лик да ги покажат на телевизија за да знаете дека тој е болен?

Не, не секој. Десет луѓе нека ги покажат. 

– Како ќе се чувствувате вие ако сте болен од ковид-19 и да ве пуштат на телевизија дека вие сте болен?

Да. Бога ми, да. Самиот ќе викнам телевизија – луѓе навистина постои овој грип. Нека знаат дека стварно постои – еве јас лежам. Нека земат пример од мене дека стварно има. А ниту еден не сме виделе дека постои грипот, кажуваат бројки, а ниту еден не го знам дека е болен.“ 

Некои сметаат дека оние што ги почитуваат мерките за заштита од ширење на вирусот се жртви на „корона-скептиците“.

„Цел свет – значи нешто постои. Некои не веруваат. Мислат дека ете тоа е како пропаганда. Тоа не може да биде пропаганда. Јас лично се плашам и за мене и за моите. Поради некои несовесни сите страдаме.“ 

Сепак, не сретнавме чаирчанец кој би се согласил општините како Чаир да се стават во карантин – можност која ја најавија надлежните.

„Мене не ми се допаѓа тоа, но не знам, тоа одлучуваат компетентни органи.“

„Ако оди така нека оди целиот град, не само еден дел од градот зашто после ќе испадне сегрегација или нешто сосема друго, политичка цел за некој друг.“

За сите скептични и првиот човек на Институтот за јавно здравје и шефицата на Одделот за инфективни болести имаат јасна порака.

„Прочитав изјава дека граѓаните биле доволно напатени и во тешка економска ситуација, па затоа и не се казнувале во текот на овој период кога беа олабавени мерките. Меѓутоа јас би се прашала едно – нели е поголема казна за граѓаните да им се дозволи да се однесуваат без никаква одговорност, а тоа да резултира со ваков огромен број на тешки случаи и со нивното непочитување, дека ја загрозуваат целокупната популација?“

вели д-р Каламарас.

„Ако граѓаните не ги почитуваат мерките ние еден ден ќе дојдеме во ситуација да нема да им одговориме на барањата на граѓаните. Затоа споменав неколку пати – почитувајте мерки, бидете претпазливи, бидете свесни, вирусот убива и се докажува и кај нас и во регионот и на глобално ниво дека вирусот убива“,

вели д-р Шабан Мемети.

 

 

 

 

Back to top button
Close