(ВИДЕО) 360° Ковид-19: Битолското „гето“ како темпирана бомба

„Па нормално дека ќе фаќаат луѓето корона, што е ова? Ова не личи на улица. Мегленци сме!“

„Еве бе душо, еве. Ова на вода личи? Не е живот ова“,

вака локалното население го опишува животот во населбата Баир во Битола.

Како и низ целата земја, ковид-19 е закана и за битолски Баир. Но, проблемот тука е што нема услови ниту за хигиена ниту за заштитни мерки.

„И да не постои вирусот, секое дете гарантирам со живот дека овде ќе се споболи“

„Имаме мали деца, не се ни капени, ништо. Владата треба да мисли за овие младите“,

велат жителите на Баир.

Надлежните тврдат дека работат и на привремени и на трајни решенија. Но, за тоа, како што велат, треба и време и соработка од локалното население.

„Не може некој да исчисти колку што еден може да извалка“,

вели градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

До кога Баир ќе биде „слепо црево“ на градот и можно ли е да стане жариште на ковид-19?

„Не корона, бетер од корона ќе дојди овде, да верувате!“,

велат граѓаните.

Еден километар заштитна ограда, која е прва од овој тип во земјава, од летово се протега по должина на магистралниот пат Прилеп-Ресен. Жителите од околната населба веќе немаат лесен пристап до патот, кој често го блокираа со купишта ѓубре во знак на револт од условите во кои живеат.

Новата инвестиција беше најавена како решение за безбедносниот и еколошкиот проблем во оваа населба. Ѕидот е изграден, но сѐ околу него остана исто.

Најлошо е во „срцето“ на Баир, познат како Картон Сити.

„Eне го цревото, кај што копав за да поставам вода, немаме вода. 20 години жената со туби ми полни бокали. После некапени ќе бидеме, па ќе бидеме. Ќе фаќаме болести“,

вели Речеп Вејсел од битолски Баир.

„Еднаш ако јадеме, после една недела сме гладни дома. Оти државата не се буни за нас“,

додава сопругата на Реџеп.

Со диви приклучоци на градските мрежи, се црпи и вода и струја.

„Ене го кабелот, гледај, од кај комшиите земам струја. Навечер ќе пуштат колку за една сијалица, ова време немаме струја“,

вели Вејсел.

Тука не досега ни канализационата мрежа. Па, околу импровизираните живеалишта течат потоци од фекалии, а во нив и дел од ѓубрето кое гние или гори по дворовите.

„Ѓубрето го собираме, ене го, црви ќе фати. Не можеме ѓубрето да го фрлиме.“

„Ги собираме тука со купови, децата фаќаат со раце, со тие раце лепче јадат. Ќе се инфицираат, ќе се споболуваат, па нормално.“

велат жителите.

На листата на најголеми грижи на мештаните, ковид-19 не е на врвот. Жителите носат маски само кога одат во центарот на Битола, колку да избегнат казни.

„После пишуваат казни, па ќе пишуваат, луѓето умираат од глад, тие маски бараат да се купат“,

вели жителка на населбата Баир.

Пари во Баир има сѐ помалку. Поради корона-кризата, отежната е продажбата на пластика и старо железо, што е главен извор на егзистенција за голем дел од жителите.

Тоа е семеен „бизнис“ и на семејството на Реџеп Вејсел. Во работата помагаат и најмалите, за кои онлајн-образованието е апстрактен поим.

„Е сега, кога ќе фати полициски час, кај ќе одиме ние да снабдиме нешто за овие деца. Да излезам на работа? Ќе ме фатат – име, презиме, казна. Маска ти бараат, она ти бараат. Што ќе правиме? После Ромите прават криминали, ќе прават криминали. Немаме доволно финансии ние овдека“,

вели Реџеп Вејсел.

Во недостиг на приходи од легални дејности, подолните делови од Баир се познати и по нелегални активности. За најопасна важи населбата Петочна Вода.

Но, од што и да се заработува, проблемите на локалното население и тука се исти.

„Овде сум веќе 30-40 години. Од дете сум овде… растев и пораснав без вода. Без канал. И така пораснавме и сега и децата ни останаа така“,

вели еден од жителите.

Во дел од тесните маалски улици, невозможно е да се помине со автомобил бидејќи, низ годините, дивоизградените куќи се проширија. Сѐ друго, остана исто.

„Овде да умри еден човек, не може да го извадат. Ние во пропаст живееме овде.“

„Нема никаков интерес… само децата во беља ќе си ги ставиме овде.“

„Од Ромите ги зедоа фотелјите. Ги зедоа и еве нема ниеден овде да дојде. Така и онаа Наташа, дојде еднаш овде, го зеде гласот и уште еднаш не се врати“,

се жалат жителите.

По првите рестриктивни мерки за заштита од ковид-19, голем дел од жителите останаа без никакви приходи. Главна помош беа донациите од нивни иселеници или од невладиниот сектор. Но, резервите брзо се потрошија.

„Доколку сега има повторно ‘локдаун’, би било многу потешко да се справат со кризата отколку што беше претходниот пат. Сметам дека државата треба да има некои мерки кои директно ќе бидат насочени кај оваа категорија граѓани, оние што се во најголем ризик“,

вели Ремзи Медик од Центарот за развој на ромската заедница „Баирска светлина“. 

За проблемите со Баир е свесна и градоначалничката Наташа Петровска, која тврди дека општината помага со донации и со акции за чистење.

„Успеавме кон овие социјално ранливи семејства да доставиме 2 500 пакети хигиенски материјали и храна, од кои општината учествуваше со 800 пакети со интервентна поддршка до Црвениот крст од 100 000 денари, но и со програмата на социјална заштита со материјална поддршка кон социјално ранливите семејства со еден милион денари“,

вели Петровска.

Со странска помош, Општината инвестирала и во игралиште и реконструкција на објектот на месната заедница, кој неодамна беше демолиран и ограбен.

За поголеми инвестиции, како обезбедување вода и струја, засега нема можност.

Петровска вели дека прво треба да се реши статусот на куќите на Баир, од кои голем дел се дивоградби. Тврди дека Општината има направено план за урбанизација, a допрва ќе се бара помош од Владата, која за дел од жителите ќе треба да обезбеди социјални станови.

„Не може да градите инфраструктура таму каде што не се запазени законите за урбанистичко планирање. Едноставно, не можете да потпишете документ што не ги запазува законските одредби. Овде станува збор за проблем што треба да се решава интегрирано меѓу локалната самоуправа и централната власт или парламентарното мнозинство кое во најмала рака ги носи законските одредби. Бидејќи вие не може да решавате проблем и право на еден граѓанин, а притоа да нарушувате право на друг граѓанин“,

вели градоначалничката.

Иако здравствените институции во градот не водат евиденција колку жители од Баир се инфицирале од ковид-19, Петровска не верува дека населбата може да стане жариште на вирусот.

Дека бројот на заболени е мал, е проценка и на невладиниот сектор. Сепак, активистите потенцираат дека состојбата може лесно да ескалира и дека кризата мора да биде лекција за државата – за еднаш засекогаш да се реши оваа болка на градот.

„Во последниот извештај на ЕУ беше нотиран проблемот со ромската заедница и баш од таа причина ние очекуваме дека ќе има поголем проект, проект кој ќе биде насочен кон решавање на овие инфраструктурни проблеми, односно на создавање услови за урбанизирање на населбата Баир“,

вели Ремзи Медик од „Баирска светлина“.

Идејата за урбанизацијата, а со тоа и кревање на квалитетот на живот на Баир, не е нова. Но, ако наскоро нема акција, се чини дека нема долго да трае трпението на локалните жители.

„Ќе го турнеме ѕидот, па што сака нека биде. Владата нека преземе малце мерки. Како што живеат сите така и ние Ромите сакаме да живееме“,

вели Реџеп Вејсел.

За рушење на бариерите и обезбедување еднакви услови за сите ќе треба политичка волја, пари и време. Дотогаш илјадници граѓани ќе останат на другата страна, каде што не допираат никакви правила – па ни за ковид-19.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close