(ВИДЕО) 360° Мали партии со амбициозни програми – ќе стигнат ли до пратеничко место?

Изборните кампањи на големите политички блокови го зазедоа медиумскиот простор. Во нивна сенка уште неколку досега вонпарламентарни партии се тркаат за влез во Собранието.

Десни и леви… Со свој пристап и ветувања, ги убедуваат граѓаните дека се различни од другите и големите.

Дали и каква улога ќе имаат помалите партии во формирањето на новото владино мнозинство?

Враќање на старото државно име и укинување на Законот за употреба на јазиците се главни политички заложби на повеќе вонпарламентарни партии.

Меѓу нив е „Интегра“, која себе си се дефинира како умерена десница.

Релативно младата партија сепак има амбициозни планови – ветуваат брзи железници, инвестиции во паметна технологија и природни богатства, борба со корупцијата.

„За 8 години од сега, за една декада од сега, нема да се сеќавате на оваа Македонија ваква каква што ја знаете“,

порача лидерот на партијата, Љупчо Ристовски.

Во фокусот на партиската идеологија е христијанството.

Па некои од присутните на собирот во Тетово наместо со маски се појавија со икони.

„Ние сме христијанска партија. Некои ја нарекуваат демохристијанска, јас велам христијанска партија, од аспект на добрината, милоста и љубовта да струи низ институциите на системот. Сакаме државата да ја престроиме по моделот којшто Христос дојде и ни го покажа нам. Тој се даде жртва себе си за да го премости гревот и ние да не страдаме. Оттука, државата треба да се даде жртва за овој народ да успее“,

вели Ристовски.

За потенцијални коалиции со други партии, главен услов на Интегра е поништување на Преспанскиот договор.

„Придавката Северна ќе мора да испари во првите сто дена и Интегра има јасен план како тоа да го направи. Тоа значи дека ќе вратиме Република Македонија на сите државни табли, сите гранични премини, во сите официјални службени документи, во изводи на матична книга на родени, државјанства и се останато“,

вели лидерот на „Интегра“.

Во убедувањето на граѓаните дека „не се сите исти“, меѓу главните целни групи на партиите се младите.

Членовите на „Левица“ „ловат“ гласачи по улиците. На помладите генерации, меѓу другото, им ветуваат бесплатно образование. Повозрасните, пак, ги потсетуваат на старите времиња.

„Има скептицизам кај граѓаните и некоја анксиозност.Не само поради кризата, разочарани се од двете партии, гледаат што се случува. Но генерално добро не прифаќаат граѓаните, особено младите. Ние сме и партија повеќе од младата генерација, кои подолго време го градиме тоа левичарско движење кое прерасна во партија и еве не на втори парламентарни избори самостојно“,

вели Реџеп Исмаил од „Левица“.

Меѓу приоритетите на „Левица“ се воведување прогресивни даноци и данок на луксуз за да се намали јазот меѓу богатите и сиромашните.

За идна коалиција имаат и други услови:

„Со никого не се гледаме блиски, но мнозинството кое што ќе прифати барем два три услови од нашата програма, или она што ни е приоритет – поништување на Преспанскиот договор и излез од воениот пакт НАТО, без тоа нема никакви шанси да коалицираме”,

вели Исмаил.

Враќање на старото име и поништување на договорите со Грција и со Бугарија промовира и Коалицијата „Никогаш Северна само Македонија“.

Додека дел од нивните политички ривали веруваат во европска перспектива без договорот од Преспа, од партијата „Единствена Македонија“ имаат поинаква визија за иднината на државата.

„Ние во нашата коалиција имаме повеќе субјекти кои се со различни надворешно политички определби, но сите не здружи идејата и обврската да ја одбраниме и да ја заштитиме Македонија, а после на едни нормални избори секој нека си излезе со своите надворешно политички определби пред народот, па тој нека одлучи дали е за НАТО, дали е за Русија, за каква соработка економска, затоа што сега во овој момент првенствено е да си ја вратиме државата назад“,

вели Јанко Бачев од Коалицијата „Никогаш Северна- само Македонија“

Иако повеќе партии како главен приоритет го посочуваат враќањето на старото уставно име, според Бачев нема шанса за нивна меѓусебна соработка.

„Другите партии прават една измама, користат една формулација ‘да не се промени Уставот со цел промена на уставното име’, и сега тоа народот малку не го разбира, прават една голема измама дека се за неменување на името, а во суштина тие сакаат внатре да бидеме само РМ, а за надвор да се смени името. Инаку, овие партии се маргинални партии, нашите главни противници се Мицкоски и Заев, нашата битка е со нив и верувам дека овој пат ќе ги победиме“,

вели Бачев.

Дел од новите играчи на „пазарот“ на гласови, сепак, имаат поинакви идеолошки позиции.

„Процесот на европеизација и нормализација е религија за македонскиот концепт. Не само што не ги оспоруваме туку и ќе ги надградиме. Преспанскиот договор, забелешката која ја имавме дека не нуди сигурност и гаранции за ЕУ за жал се покажа за точно. Наша обврска е да ги валоризираме сите одредби на сите договори, како час поскоро да влеземе во ЕУ“,

вели Петар Богојески од Платформата „Македонски концепт“

Богојески, кој е познат како дел од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ, настапува на изборите преку Социјалдемократската унија.

Тој потенцира дека во изборната кампања сите партии немаат еднакви шанси и финансии за привлекување гласачи. Затоа, ако влезат во преговори за формирање на новата влада, ќе инсистираат на промена на моделот.

„Прво, ќе побараме најмалку партиски можен претседател на Собрание, па изгласување сет антикорупциски закони и законот за промена на изборниот модел, законот за политички партии и финансирање на политичките партии. Откако ќе прифатат демократизација на политичкиот систем во земјава, онаа партија која ќе го поткрепи тоа, ќе ја поддржиме да формира влада“,

вели Богојески.

И додека едни тераат теренски кампањи, една партија привлекува гласачи главно во виртуелниот простор.

„Твоја партија“ и пред корона-кризата се дефинираше како интернет партија, чиј приоритет се намалување на бројот на институции и привилегии за политичиратите, борбата со корупцијата и големите загадувачи.

„Ние не се формиравме како партија за едни избори. Ние сме партија која смета дека преку начинот на своето делување, а тоа е искористување на новите технологии, е партија каква што би требало да се гради во иднината. Партија која што нема никакви опашки, не должи никому и не треба да исполнува нечии желби“,

вели Мирјана Најчевска од „Твоја партија“

Партијата не планира да влегува во коалиција со никого, па оттаму доаѓа и нивното мото – „Не сме со сите“.

„Нашата идеја не е да се добие некое министерско, директорско, функционерско место туку да имаме влијание, најдобрите професионалци и од ВМРО-ДПМЕ и од СДСМ, ДУИ и оние кои не припаѓаат на ниту една политичка опција, да можат да влезат на раководните места каде што може да биде искористен до максимум нивниот потенцијал“,

вели Најчевска.

Според последната анкета која ја објави телевизијата Телма, овие пет вонпарламентарни партии покажуваат потенцијал за можен влез во Собранието.

Покрај нив уште неколку, условно речено помали партии, се борат за пратеничко место. Колку и да се слични или различни, се чини сите се согласни дека изборниот модел ги става во подредена позиција наспроти поголемите коалиции.

Бидејќи во изборната трка нема да бидат пресудни само гласовите, туку и нивниот распоред по изборните единици. Дури и да освојат значителен број гласови, ако тие се расцепкани низ целата држава, на крајот ќе останат без претставник во законодавниот дом.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close