(ВИДЕО) 360° На кантар тежат речиси исто – што ветуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Со стотици страници понуда, секоја од партиите се обидува нејзините ветувања да натежнат при одлуката на гласачите на денот на изборите. А во програмите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ доминира економијата. И едните и другите економскиот напредок го проектираат со предупредувања за можен застој во плановите поради актуелната криза или нов бран на коронавирусот.

Владејачкиот СДСМ ветува одржлив економски раст до крајот на мандатот во висина од 4 проценти. 600 милиони евра поддршка за домашни и странски инвестиции. Вкупно 1 510 километри нов асфалт за автопати, експресни и локални патишта. Покачување на минималната пензија до најмалку 10 700 денари до крајот на мандатот. Во зависност од развојот на корона кризата, ветуваат и раст на просечната плата за 30 проценти, а на минималната до 40.

Со оглед на тоа што работодавачите реагираа дека не можат да го издржат и актуелното ниво на минималната плата, како ќе се мотивираат уште повеќе да ги зголемат платите во иднина?

„Во разговор со работодавачите во текот на претходниот мандат ние бевме многу отворени. Им рековме – прво, нема да ве оставиме сами, нема да оставиме сами да се снаоѓате. Ние ја поттикнавме и просечната и минималната плата и поради тоа што дававме субвенции на работодавачите да ги подигаат платите, не ги оставивме на цедило, да пропаднат. Меѓутоа, од друга страна им рековме дека ако тие не мислат на платите и ако ние не мислиме на платите, по неколку години ќе останат без работна сила“,

вели заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Доколку не се случи нов бран на ковид-19, ВМРО-ДПМНЕ ветува повисок раст на БДП од 4 до 5 проценти и домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години. Опозицијата не ветува километри на патишта, туку патни правци и рехабилитација на сите патишта во државата. Пензиите ќе се усогласуваат и со растот на платите и со растот на трошоците на живот, при што за еден мандат ВМРО-ДПМНЕ се обврзува просечната пензија да порасне за 20 отсто. Прецизно ветување за годишно покачување на платите од 5 отсто добиваат просветните, културните, здравствените работници, судство, војска, полиција, како и државната администрација и јавниот сектор. Ветуваат и дека минималната плата ќе биде 60 отсто од просечната плата, без конкретен рок, туку „континуирано“.

„Во однос на минималната плата ние не сакаме вештачки да поставуваме граници кои после тоа стопанството ќе може или нема да може да ги постигне. Напротив, тоа треба да оди природно. Во однос на јавната администрација потребно е да се направи функционална анализа за јавната администрација, затоа што Македонија се соочува со два феномени – од една страна клучни сектори кои ќе ни бидат потребни за преговори со Европска Унија не се пополнети или има недоволни кадар, а од друга страна има многу сектори со кадар којшто не ни е потребен“,

вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Владеење на правото игра важна улога за враќање на довербата на граѓаните кон институциите, но и за евроатлантскиот пат на земјата.

СДСМ ветува прочистување на судиите и обвинителите, детална проверка на нивната имотна состојба, ревизија на 5 отсто од судски пресуди во последните 5 години по случаен избор, како и разрешување по автоматизам на судиите кои ќе дозволат да им застарат предмети. Владејачката партија најавува и ЕУ мониторинг на судските предмети за висока корупција, транспарентно обвинителство, „вистински“ АКМИС, како и нов Закон за управување со движењето на предметите во Јавното обвинителство. Зошто не го направија ова досега?

„Мислам дека Законот за јавно обвинителство е симбол колку беше мачно да се истуркаат овие законски реформи, заради тоа што, од една страна, имаше многу притисоци и второ и најважно, ни беше потребно двотретинско мнозинство. Кај голем дел од законите поврзани со судството ви треба двотретинско мнозинство и тоа не да беше тешко, беше речиси неверојатно на прв поглед. Сега сфативме зошто било толку тешко, откако излегоа снимките на Мицкоски каде тој многу директно кажува дека го блокирал Законот за јавно обвинителство за да ги спаси кожите на луѓето кои му ја финансираат кампањата, сега е јасно. Е ние во такви услови требаше да се бориме да направиме рамка законска која ќе ни даде шанса за суштински реформи. И поминаа две и пол години“,

вели Шекеринска.

Владеење на правото е еден од столбовите и на програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија ветува борба со непотизмот во судството, нови критериуми за избор на претседатели на судови и за напредување во кариерата на судиите. Посебно тело на Судскиот совет за евалуација, интегритет и етика на судиите но и членовите на советот. Посебно тело да ги „чешла“ и јавните обвинители. Сите закони да се носат по европски стандарди. Судска администрација по европски терк, дигитализација на судството. Не е заборавен и крвавиот 27 април. Како може партија да ветува слобода на некој што има судска пресуда?

„Апсолутно партијата не може да се меша во носењето на судски одлуки но, треба во едно ослободено судство и обвинителство да се преиспита колку одредени процеси што се случија во минатото беа такви. Затоа што, факт е дека имаше политички процеси, факт е дека имаше случаи, но со такви квалификации да одат, како што одеа на пример со тероризам ќе кажам лично мислење, не сакам да влијаам на никого, мислам дека беше претерано. Она што е суштински за владеењето на правото е менување на законите за процесна и парнична постапка, за тоа што она што фали на судството и обвинителството се јасни рокови и правила. Не смее судење да почнува од почеток затоа што судијата во наводници заборавил три месеци да свика рочиште“,

вели Николоски.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ветуваат напредок на државата по европскиот пат. Со оглед на тоа што Северна Македонија е членка на НАТО Алијансата. СДСМ ветува модернизација на Армијата. Од европските фондови се очекува помош од 2,5 милијарди евра за државава, како и европски пари за развој на преспанскиот регион. Владејачката партија ветуваат дека ќе ги отвори 80% од преговарачките поглавјата со ЕУ во рок од четири години, доколку добијат чист мандат.

„После овој резултат, за 2 и пол години, две крупни стратешки цели, ние со чист образ и со кредибилитет и со доверба кај граѓаните можеме да кажеме дека ќе направиме и повеќе и подобро. И дека оваа цел да ги отвориме 80 посто од поглавјата кои ќе бидат групирани, тоа е шанса за динамика во преговорите, тоа не е недостижно, туку е реална цел… Како велат овие што живеат покрај море или езеро, ако не ги наместиш едрата, не го обвинувај ветерот. Некогаш може да се случи работите да ти бидат надвор од контрола. Може да треба да направите три чекори кои не сте морале да ги направите, дополнителни, ама ако го терате патот, ако сте свесни која е целта, дури и при отпор, дури и при проблеми, ќе ги совладите препреките. Овие 2 и пол години за ниту една од стратешките цели ние немавма послана црвена пaтека. Се беше потешко“,

вели Шекеринска.

И ВМРО-ДПМНЕ сака интегрирана, стабилна и безбедна земја. Но, во исто време, ја гледаат Македонија како полноправна членка на ЕУ и почитувана членка на НАТО, а предвидуваат „чешлање“ на договорите со Грција и Бугарија, кои го овозможија тоа.

„-Но, членство во Унијата може само со новото име Северна Македонија…

Апсолутно зададени работи нема никаде и никогаш. Наша работа е да се бориме и јас мислам дека она што недостасуваше во досегашното владеење на СДСМ беше тоа што многу лесно се предаваа. Ние имаме аргументи, ќе ги споделуваме со нашите партнери јас сум убеден дека Македонците ќе се многу погорди отколку што се сега.

-На пример?

На пример имаме во програмата градење на бренд „Macedonia“ кој треба да опфати се што е култура и идентитет. Државата не се бори доволно за својот идентитет, мала држава е Македонија, агресивна промоција е потребна во странство за да знаат луѓето кои сме и што сме. Понатака, споделување на нашата вистина. Македонија не смее да се откажува до алатките во Советот на Европа и во ОБСЕ каде се заштитуваат националните малцинства во сите држави што постојат, јазичните права исто така – мора овие форми на дипломатија да се користат, затоа што нема ништо еднаш зададено во историјата, секако не е и овој случај“,

тврди Николоски.

Партиските претставници ги презентираат изборните програми низ цела држава. Секој глас е важен, за што помалку постизборни партнери и преговарања за формирање Влада. Тие имаат рок уште неделава да ги презентираат програмите, оти следниот понеделник почнува изборниот молк. Без разлика на тоа чии ветувања ќе натежнат, важно е напишаното да биде и реализирано.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close