(ВИДЕО) 360° Нова група видни членови на ВМРО-ДПМНЕ искажува незадоволство од стратешката ориентација на партијата

Универзитетски професори, амбасадори, пратеници – поранешни и актуелни, заедничко за сите е што се членови на ВМРО-ДПМНЕ. На дебата на тема „Постизборни процеси и ЕУ-перспективи“ во Штип се согласија дека интеграцијата на државава во Европската Унија е прашање за кое треба да има национален консензус. Пораката во име на учесниците ја испрати поранешниот премиер на техничката влада Емил Димитриев, во чие обраќање можеше да се препознаат и сугестии до раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако се сака да има партиски активизам, тој понекогаш може да биде ограничен визави државниот активизам, зашто партиите, често, едно од првите нешта од кои тргнуваат е рејтингот во даден момент. Човек што размислува подалеку, ако сака да направи нешто за државата, тоа само по себе ќе го инкорпорира и партискиот интерес. Поентата на моето обраќање е – без разлика на не до крај изградениот политички плурализам, силната поларизација во општеството, за да ги решаваме државните интереси, ние мора да имаме минимум консензус меѓу клучните политички фактори“,

изјави поранешниот премиер Емил Димитриев.

Пораката дека европските перспективи на државата не треба да бидат тема за меѓупартиски препукувања, во период кога ВМРО-ДПМНЕ организира протести за Гоце Делчев, беше испратена вторпат во период од неколку дена од сличен настан. На дебата на истата тема, која претходно се одржа во Скопје и која исто како и штипската беше во организација на Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ и фондацијата „Конрад Аденауер“, сличен апел до партијата испрати висок претставник на Европската народна партија.

Барам од партијата да помогне и да даде поддршка во европеизацијата на целата земја. И мислам дека овој панел, оваа катедра, го прави токму тоа. Затоа сме овде и ќе ви кажам дека ја имате поддршката на Европската народна партија“,

порача секретарот за меѓународна соработка на ЕПП, Патрик Фолер.

Оценката од Брисел директно ја слушнаа групата експерти, како што ги нарече Фолер, кој побара од нив да помогнат со своето искуство за да има добра проевропска опозиција. Дел од нив се согласија со ставовите на сестринската ЕПП дека опозицијата треба да преземе „половина од товарот“ за прашањата од државен интерес.

Поларизацијата е на теми кои не се од национален консензус. Тоа е лекција која нам во Македонија ни е насушно потребно да ја научиме. Нема да се согласуваме за даночна политика, мерки за животна средина, но тоа што е национален консензус и стратегија што треба да ја постигнеме во интерес на сите наши граѓани, не смее да е тема на политички конфликт“,

изјави Тимчо Муцунски, пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ

На дебатите во Скопје и во Штип не се слушнаа директни пораки за промени во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, иако индиректно можеше да се прочита несогласување со стратегиската ориентација на партијата под актуелното раководство.

Друга група членови на ВМРО-ДПМНЕ, организирани во Иницијативен одбор за свикување вонреден конгрес, обвинуваат дека партијата ниту се европеизира ниту ги подобрува односите со меѓународната заедница, како дел од целите заради кои Мицкоски бил избран на валандовскиот конгрес во 2017 година. Го обвинуваат дека не успеал ниту да ги подобри коалициските капацитети ниту, пак, да ја обедини партијата.

Партијата сè повеќе се затвора наместо да се отвори кон членството, да се седне да се разговара во кој правец оди партијата – дали ќе се движиме кон подобрување на односите со нашите сестрински партии од Европската народна партија или зближување кон источниот блок, бидејќи таа дилема во ВМРО-ДПМНЕ постои. Имаме членови кои се за движење и во тој и во тој правец, но раководството не дава јасна насока во кој правец се движи партијата и тоа мора многу брзо да се одреди. Верувам дека една од главните задачи на новото раководство на партијата ќе биде токму тоа“,

изјави Борче Стамов од Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

Стамов, кој е поранешен градоначалник на Дојран и портпарол на МНР додека министри беа Антонијо Милошоски и Никола Попоски, вели дека Иницијативниот одбор не е поколебан од последниот потег на Мицкоски, кога тој побарал вонреден конгрес, а Централниот комитет го одбил. Продолжуваат со контакти со делегатите, затоа што одлуките на ЦК ги сметаат за нелегитимни.

Христијан Мицкоски нема легитимитет ниту кредибилитет да носи таква одлука. Единствена легитимна одлука што тој може да ја донесе е да поднесе оставка и со тоа ќе ја искористи одредбата за свикување конгрес“,

додава Стамов.

Два дена по состанокот на ЦК, кога беше одбиен предлогот на лидерот за вонреден конгрес, ВМРО-ДПМНЕ одржа нов протест, петти по изборите. Дел од присутните граѓани ги прашавме затоа што мислат за Мицкоски и дали тој може да ја донесе партијата до победа на следните избори.

Tој е сега ставен како едно бесно куче и акцентот е метнат само на него и тој е лошиот, а сите други кучиња наоколу кладат, јадат, а кабаетот се метка на него. Јас мислам како Мицкоски да има уште два-тројца ќе биде многу поубаво отколку што е сега“.

Јас мислам дека тој е сега многу млад лидер, тој е 3 години во партија и ние не можеме да очекуваме дека одеднаш човекот треба да блесне, туку треба народот да блесне, треба народот да се освести“.

Па ја води, дабоме, за тоа е изгласан“,

велат дел од граѓаните.

Пратениците и партиските функционери, кои заедно со лидерот го предводеа маршот за правда до Кривичниот суд, сметаат дека нема потреба од вонреден конгрес ниту од оставка на Мицкоски, затоа што, според нив, партијата успеала да ја задржи поддршката од меѓународната заедница.

Со сите наши стратешки партнери во Европската народна партија имаме одлични релации, одлични односи, прекрасна соработка и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и актуелното раководство“,

изјави Благица Ласовска, претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако може да забележите, тука има многу знамиња на ЕУ, што искрено ме радува и пораката на претходниот протест, иако беше за наш деец, практично човек кој е суштината на Македонија, сепак пораката беше за Гоце Делчев и за европските вредности“,

изјави Дарко Костовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Како и во претходните настапи, Мицкоски не ги поштеди од критика сопартијците кои бараат негова оставка.

Оние за кои Заев велеше дека се криминалци, денеска гледаме дека се најблиску до него. Целта е едноставна, двете мафии, онаа на Заев и онаа која му се покори да му служи, сакаат да имаат две партии“,

порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски.

Пред ВМРО-ДПМНЕ се бурни есен и зима. Две групи – една засега затскриено, друга јавно, покажуваат незадоволство од начинот на кој се управува партијата.

„360 степени“ има сознанија дека со слични ставови е уште една група партиски членови од охридско-кичевскиот регион, предводени од виден лекар, поранешен функционер. Засега нема информации дали групата ќе дејствува самостојно или ќе се приклучи кон некоја од веќе идентификуваните иницијативи.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close