(ВИДЕО) 360° Процес во обратна насока – се повеќе македонски државјани бараат да се вратат дома во странство

„Најсликовито, како да се вративме половина век наназад“, е коментарот на шефот на македонската дипломатија за тоа што значеше затворањето на ЕУ-границите, но и на границите во регионот. Тој чекор кој беше донесен за да се спречи ширењето на ковид-19 резултираше и со проблемот на враќање на македонските државјани во земјава.

„Можеме книга да напишеме за изминативе 3 месеци – имавме случаи на праќање лек за канцер од тука за Канада, извлекување на роба што е важна за македонската економија“, сликовито ја објаснува ситуацијата државниот секретар во МНР, Зоран Попов.

Дневен состанок на кризниот штаб во Министерството за надворешни работи. Ако до неодамна прашањето беше како македонските државјани поради пандемијата заглавени во други земји да се вратат дома, сега тема е како наши државјани со престој во други држави да се вратат таму.

„Каква е состојбата од Македонија кон ЕУ?

„Се повеќе се засилува тоа движење. Се уште останува основното правило дека треба да се има дозвола за престој, се друго се разгледува особено. Но, луѓето се уште не се информирани, а секоја земја си има свои специфики“,

беше заклучено на состанокот.  

Интересот на граѓаните ќе биде уште поголем по најавата на Унијата за скорешно отворање на своите надворешни граници. Но, тоа нема да важи за граѓаните на сите земји, туку само за оние што имаат добра епидемиолошка слика; тука спаѓа и регионот.

„Комисијата предлага земјите од Западен Балкан да бидат на листата за патување во ЕУ веќе од 1 јули“,

изјави еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.

Ова сценарио – регионот да биде исклучен од забрана за влез во Унијата, претставници на Брисел го навестиле уште во средината на мај за време на регионалната министерска видео-конференција за справување со последиците од ковид-19.

„Сигналот е… Прво, очигледен е географскиот аргумент, тоа што оваа криза не турна да соработуваме, покажува колку од европерспективата и перспективата на земјите-членки овој регион е важен и за практични работи, така што мислам дека лекцијата од кризата ќе ни помогне во политичка смисла како ќе се гледа на проширувањето и нашето зачленување. Очигледно е дека мора со нас да се работи и дека сме заедно и во смисла на пандемија, на транспорт, па и на економија…“,

вели министерот Димитров.

Освен што е силен политички сигнал, отворањето на границите на Унијата за Западен Балкан е и сложена равенка во која засега непозната е кога Северна Македонија планира да ги отвори своите граници, ако се има предвид фактот дека Србија ги отвори, Бугарија исто, Грција тоа ќе го стори од 1 јули… Засега, ниту Димитров нема прецизен одговор.

„Зошто не е едноставна оваа работа, на штаб разговаравме за границите… Во тој момент ќе биде многу тешко да имаме различни режими од околните држави. Ќе се бара тест не постар од 3 дена на влез, или нема да се бара, што ќе правиме со државниот карантин и со домашната самоизолација. Во моментот на отворање на границите завршува фазата на националните политики и заедно сме како регион и ако немаме коррдинација ќе биде многу комплицирано. Затоа, тој чекор не е едноставен, а ќе биде нужен ако никој во светов не може да каже кога ќе ставиме точка и ќе се вратиме на старото нормално. Дали тоа ќе се случи оваа година, дали старото нормално исчезна засекогаш…“,

изјави министерот Димитров.

Од овие канцеларии се координираше репатријацијата – сега од нив се води процес во обратна насока – враќање на македонските државјани во земјите каде работат или привремено живеат.

„Има огромен интерес за напуштање на државата, значи обратен процес кој е подеднакво сложен, бидејќи најмногу зависи од земјите на прием, а не од нас. Ние помагаме, но правилата ги диктираат државите на прием и не секогаш граѓаните тоа го разбираат. Се множи бројката секој ден се повеќе, груба бројка е дека помеѓу 50 и 100 на дневна основа. Ние помагаме пред се со информација, потоа асистираме во пренесувањето на барањето, но постапките се егзактни и нив ги одредуваат државите на прием и ние не можеме да гарантираме успешно враќање, освен укажување што треба да се исполни како услов“,

вели директорот на Директорат за билатерални односи со европски држави во МНР, Методија Белевски.  

Сепак, сегашната ситуација тешко може да се спореди со состојбата во екот на пандемијата, кога тим од 20 дипломати од МНР асистираше во враќањето на речиси 6.000 граѓани во земјава, дали со десетици летови или со организирање низа хуманитарни конвои…

„МНР го покажа својот капацитет и во оваа смисла, се соочивме со нова ситуација – од организирање на патување, до политичко обезбедување на дозволи, значи едно комплетно нова ситуација. Не е едноставно да сае обезбеди транзит за наши граѓани. Прво со регионот, и со земји-членки, но и со кандидатки, имавме исклучително добра соработка – и тоа во два случаја, хуманитарен карактер и зелениот коридор за проток на стоки, како еден од нашите стратешки партнери ЕУ ни обезбеди преку своите механизми репатријација на наши граѓани“,

вели државниот секретар во МНР, Зоран Попов. 

Поради пандемијата, МНР ја прекрши досегашната практика – наместо еден, за дипломат на годината беа прогласени 16-мина дипломати – сите членови на кризниот тим за репатријација.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close