(ВИДЕО) 360° Расте притисокот и врз локалните ковид-центри: слика од Тетово, Штип и Струмица

Со болничко возило, пациент од Струмица се препраќа во Скопје со влошена клиничка слика. Семејството најмалку што сака е да зборува пред камера.

Во струмичката болница е раздвижено од рано наутро. Некои чекаат прием во амбуланта за преглед.

„Се чека, се чека“,

се пожали еден од пациентите.

Оттука, сомнителните на ковид-19 се препраќаат на тестирање во соседниот објект. И двете места служат за хоспитализирање пациенти болни од ковид-19.

– Колку што можат – помагаат. Сега и тие не се криви, не можат да постигнат бидејќи има многу народ. Тука ја задржаа мојата мајка и чекаме како е резултатот, дали е поарно, дали не е. Од вчера не сме ја виделе и така.

– Тука лежи?

– Да.

– Со ковид?

– Да.

– Од 8 чекам и гужва е, и не може сѐ да завршиме работа.

– За што сте дојдени?

– Тестиран сум, да го земам резултатот и да ми кажат. И викаат – чекајте, ќе излеземе надвор, ќе ви кажеме,

ни раскажаа граѓаните.

Струмичката болница има на располагање вкупно 44 кревети за болни од ковид-19. Во моментов капацитетот е исполнет со 90 отсто. За Скопје се праќаат само екстремно тешките случаи. Од возниот парк, само две возила се исправни за безбедно да може да се пренесат пациенти до главниот град.

Есенскиот бран неколкукратно го зголеми бројот на активни случаи во Струмица. Ако на средината на септември имаше 108, заклучно со викендот, бројот на активни случаи сега е 613, што е шестпати повеќе.

Директорот на болницата Наќе Гогов е разочаран затоа што Струмица од регион со релативно малку болни есенва стана жариште. Ударот од зголемениот број заразени паѓа на грбот на медицинскиот персонал, вели тој. Затоа бара разбирање за чекањето.

„Персоналот е изморен, затоа ние сакаме помош, бараме помош и од другите градови кои можат да помогнат со медицински персонал. Како предмалку што имавме помош, професор од Инфективна, доктор од Пулмологија и сега пак имаме колешка од Велес која е на помош на нашите доктори. Ние моментално, на Инфективното одделение, имаме тројца инфектолози и двајца секунданти. До крајот на август некако се справувавме со тој персонал, меѓутоа сега веќе од септември-октомври досега, персонал е потребен, како доктори така и медицински сестри“,

вели Гогов.

Примероците од ПЦР-тестовите, струмичката болница ги праќа на анализа во МАНУ. Тоа значи дека резултатот се добива најрано следниот ден.

Бројот на новозаболени активно се следи и ако тој не стивне, план Б е уште еден кат од болницата да стане ковид-центар. Но, зградите не ги лечат луѓето.

„Кога би го отвориле првиот кат од новиот крак, ќе имаме проблем со персоналот, како доктори така сестри, оти некој треба да биде со пациентите таму. Ние регрутираме сестри од другите одделенија за да имаме доволно персонал за да функционираат како ковид-центар долу. Тоа се нашите услови за работа“,

вели Гогов.

За разлика од болницата, во Струмица на улица – друга „песна“.

Затекнавме група млади без маска. Крајна цел им беше струмички кафе-бар, каде што веќе ниту законски не беа обврзани да го сторат тоа.

Маска носи кој како сака и на импровизираниот пазар пред трговскиот центар „Глобал“. Како што се доближуваше камерата, така луѓето ставаа маски. Немаа одговор за своето однесување.

Во продавници, книжарници и бутици, без заштита нема влез.

– Се почитуваат мерките во Струмица?

– Па, мислам дека да.

– Епа, како толку заразени има секој ден?

– Немам поим, не можам да кажам ништо,

вели еден од граѓаните што ги анкетиравме.

Попладнето се упативме во Штип. Со заоѓање на сонцето, градот под Исарот се празни. Останува звукот од амбулантните возила.

Драматична е сликата на Инфективното одделение во Штип. Само дента двајца пациенти ја изгубија битката со вирусот. Погребните служби во скафандери ги изнесоа телата на починатите.

Истовремено, не престанува битката за животите на други болни.

Пациенти кои со недели се хоспитализирани наоѓаат алтернативи за да земат и да вратат работи што им го носат најблиските, зашто посети не се дозволени.

Во амбулантата и се тестираат и се прегледуваат сите сомнителни и заразени со коронавирусот. Штип е ковид-центар за цела Источна Македонија, но и одовде тестовите се препраќаат за анализа во МАНУ. Дел од пациентите доаѓаат тука за терапија и за да се утврди дали е неопходна хоспитализација или ќе продолжат да се лекуваат дома.

– Мора да се чека, ситуацијата е таква, многу пациенти, не можат сите наеднаш да не прегледаат. Сега, по вторпат, не сум тестирана, уште сум на терапија.

– А кога ве тестираа претходно?

– Пред 20 дена,

ни раскажа повозрасна пациентка.

Штип стана актуелен во јавноста деновиве по случајот со починатата 41-годишна пациентка, чие семејство обзнани дека жената попусто молела за кислород кај персоналот. Директорот вели дека целосен извештај за ситуацијата е испратен до Државниот санитарен и здравствен инспекторат и се чека стручните лица да ја дадат последната оцена. Инфективното одделение е полно во моментов и со пациенти и со кислород.

Штип е меѓу најпогодените места од ковид-19 во последниве два месеца. Од средината на септември, кога имаше само 63 активни случаи, бројката е зголемена осумпати, па сега има 537 активни случаи.

Во Тетово не затекнавме метеж. Првпат наидовме на пациент упатен од Скопје во друг град. Во случајот, пациентка дошла од главниот град за ковид-тест. Земањето брис од нос и грло траеше само неколку секунди. Но, на тестирањето му претходело чекање со денови за да се закаже термин.

„Чекав отприлика околу една недела за матичниот лекар да ми закаже. Значи, ја сум од Скопје, меѓутоа доаѓам тука во Тетово бидејќи најверојатно матичниот тука нашол термин“,

вели таа.

Останатите граѓани што дојдоа да се тестираат не беа расположени за разговор. Тетовци имаат опција за тестирање и во Центарот за јавно здравје. Позитивните на вирусот, за кои матичниот лекар ќе процени дека треба хоспитализација, се праќаат во Клиничката болница. Ковид-центарот располага со 82 кревети, а засега е половично пополнет со пациенти. Болните се сместуваат на два ката на интернистичкиот блок и на Инфективниот оддел.

„Скоро сите се со коморбидитети, има со операции, стентови, има еден млад пациент на 39 години, кој има анемија и кај него ситуацијата е тешка“,

вели координаторот на ковид-центарот, д-р Гзим Нуредини.

Болните ги лечат пет инфектолози, а од интернистичкиот дел на располагање се уште 22 лекари. Доктор Нуредини засега не се жали ниту на квалитетот ниту на квантитетот на персоналот, иако не сите со леснотија го прифатиле предизвикот.

„За медицинските сестри тоа не е проблем, оти тие се обучени за тие основни параметри, но, нормално, таму треба да имате, во наводници, јако срце, да речам, оти гледате пациент на кислород. Кај нас се сите тешки пациенти со кислородна поддршка.“

вели д-р Нуредини.

Доколку напливот на пациенти продолжи, се планира и цела педијатрија да стане ковид-одделение. Има план и за уште поцрни сценарија.

„Другиот чекор е затворање на ‘Mој термин’ и фокусот да биде на ковид-пациенти, а во иднина цела клиника да се ангажира само за ковид-пациенти или за итни пациенти“,

вели Нуредини.

Трендовите се загрижувачки и во Тетово. Од 170 активни случаи во средината на септември, за шестпати е зголемен напливот на заразени, па сега изнесува 1 004 активни случаи.

 

 

 

 

Back to top button
Close