(ВИДЕО) 360° Штип ново жариште на ковид-19: Кој ќе одговара за пропустите во текстилната индустрија?

Штип е центар на текстилната индустрија во Македонија. Но, токму гранката што го храни придонесе градот да е меѓу лидерите по бројот на заразени од ковид-19.

„Од првиот ден кога се појави во една конфекција требаше сите конфекции да се стопираат.“

„Нормално дека постои страв. Многу нагло почна да се шири.“

„Контроли почнаа од понеделникот, кога се случи овој пикот во Штип“,

велат текстилни работници.

Градоначалникот смирува.

„Сметам дека до овој момент состојбата е под контрола“,

вели Благој Бочварски.

Но, со него не согласуваат локалните здравствени власти.

„Во Штип, моментално, мислам дека е избегана од контрола“,

вели д-р Марија Димитрова, директорка на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Штип

Кој е виновен и може ли епидемијата брзо да се смири?

Како жариште на ковид-19 Штип почна да се смета откако вирусот влезе и во текстилната индустрија каде што работат повеќе од 7 000 лица од градот и околината. Сега главен предизвик е да се лоцираат суспектните лица на вирусот, а уште поголем, да се контролира поведението на граѓаните и на работно место и надвор од него.

Центарот за јавно здравје во Штип работи со полна пареа. Освен редовни тестирања и анкети, институцијата направи и скрининг во неколку фабрики.

Првичните резултати се неповолни. Во првата конфекција што била под скрининг позитивни на ковид-19 се дури половина од вработените. Најголемиот дел немале симптоми на болеста.

„Она што ни се случува сега е ширење на болеста помеѓу населението поради енормен број на контакти. Дали е тоа маж, соседи, пријатели деца на позитивните лица, моментално имаме огромен обем на работа“,

вели д-р Марија Димитрова, директорка на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Штип

Тестирањето на текстилците се прави во фабриките во кои работат. Додека не заврши процесот и не добијат резултати, вработените мора да останат дома.

„Нормално, страв има. Психата те јаде. И да си здрав, стануваш болен. Самата психа те убива. Дома што ако сум два дена, страв ми е јадење да направам“,

вели Емилија Симонова, текстилна работничка.

Емилија Симонова смета дека тестирањето само во дел од фабриките е залудно ако останатите продолжат да работат.

„Сите фирми требаше да се стопираат од тој ден, сите. А сега се прошири, прошири… не знам до кога“,

вели Симонова.

Според текстилните работници, вината што вирусот се проширил е во организираниот превоз со кој тие одат на работа.

„Автобусите се секогаш преполни и мислам дека од таму почна сѐ“,

вели Миле Марков, текстилен работник.

„Тие требаше да преземат навреме, не сега. Зашто автобусот доаѓа од Сокоралци, Чешиново, од селата таму, па до Штип сите села ги собираше навака. Десет села во еден автобус“,

додава неговиот колега Јоцо Стојанов.

Дури по појавата на голем број заразени, автобусите почнаа да излегуваат од фабриките полупразни. Но, тоа значи и дека дел од вработените се оставени сами да се снајдат – како до и од работа.

„Сега-засега одиме пеш. Па натаму ќе видиме. Но, изгледа ќе останеме дома“,

вели една од текстилните работнички.

Додека трае скринингот, дел од погоните што продолжија со работа решија да ги пратат вработените на колективен одмор.

Ваква одлука донела и фабриката што ја посети „360 степени“, а која го дели организираниот превоз со други конфекции каде што веќе има позитивни случаи на вирусот.

„Од самото појавување на болеста ние ги презедовме сите мерки за дезинфекција, како на просториите и на автобуски превоз. Но, и покрај сите преземени мерки, во последните денови се појавија позитивни случаи во неколку конфекции во Штип, има и една тука во кругот на поранешен ‘Астибо’ каде што сме ние, а каде што имаме организирано заеднички превоз“,

вели Ванчо Богдов, директор на текстилна компанија „Вабо“ 

Проблемот е што терминот „мерки“ се толкувал различно. Кога се во прашање автобусите, до скоро владината уредба за патниот сообраќај строго го регулираше јавниот и меѓуградскиот превоз, но не и организираниот транспорт на фирмите. Тоа се смени дури минатата недела.

„Ние имаме 4 фирми сопствен превоз. Заеднички, имаме заедничка фирма за превоз и со самата донесена уредба да се вози со 50 отсто од капацитетот на автобусите, ние ја применивме таа мерка и нашите вработени од тие конфекции одеа во 2 периода, едните од 7 едните до 7:30 часот.  Така што, максималниот број на вработени во автобус беше околу 30 лица, а капацитетот со седење и стоење е 89 лица. Но сега, во последните три дена, е донесена нова уредба во која не се дозволува стоење во автобусите. Значи, од 29 само 14 лица се присутни“,

објаснува Богдов.

Градоначалникот на Штип смета дека владините насоки и претходно биле јасни. Ако инспекторите докажат дека имало пропусти, ќе бара одговорност.

„Доколку тоа се случило во голем дел во превозот, тогаш апсолутно ќе си сносат последици. Но, тоа треба да биде поткрепено со докази, сите оние коишто го прекршиле одреден закон, дали се работи за компанија, дали се работи за некоја служба во институциите на локално или централно ниво. Така што, генерално, јас можам да кажам за институциите на локално ниво, за нашата институција, дека секогаш кога е излезено на терен и каде што сме увиделе некаков пропуст, имаме изречено казни и имаме изрекувано и опомени“,

вели Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Градоначалникот во моментот не мисли дека е неопходно привремено да се замрзне целата текстилна индустрија во општината. Вели, состојбата е под контрола и очекува бројот на новозаболени да почне да паѓа.

Но, не го делат сите неговиот став и оптимизам.

„Џабе тие работодавачи сега даваат годишен одмор, бидејќи им е страв за нивните вработени и за нив, но си велат подобро годишен одмор отколку да ја затворам фирмата подолго. За жал, другите тоа не го прават и сега ќе имаме провлекување на вирусот од една во друга фирма. Тука сакам посебно да апелирам на свеста на работниците, бидејќи, кога се вели дека треба да останеме во самоизолација, треба да останеме во самоизолација. Она што ми е најмногу жал е што сѐ уште дел од нив  се сомневаат дека вирусот постои”,

вели Кристина Ампева од Здружението „Гласен текстилец“

Во постоењето на вирусот со сигурност не се сомневаат оние што во моментов директно се борат со болеста – здравствените работници. Ако поведението не се промени, стравуваат од далекосежни последици.

Мислите ли дека состојбата веќе ни избега од контрола?

„Во Штип моментално мислам дека е избегана од контрола. Јас се надевам дека тие што не се совесни, ќе бидат совесни поради нас здравствените работници и поради луѓето што строго ги почитуваат мерките и седат дома дисциплинирани. Мора да се сфати дека недисциплината ќе нѐ води кон уште полоша ситуација“,

вели директорката на Центарот за јавно здравје во Штип.

Ако состојбата ескалира, иако не посакува, локалната власт најавува дека ќе бара целосно затворање на градот и околината.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close