Видео „360 степени“: Ханџиски во 1992 г. барал да не се отрфла португалскиот предлог за името – „Нова Македонија“ за меѓународна употреба

 

„360 степени“ завчера, по повод 8 Септември – Денот на независноста, објави текст во кој потсети на неколку важни одлуки на првиот повеќепартиски состав на Собранието кои му претходеа на референдумот за независност на Република Македонија.

Конкретно, објавивме стенографска белешка која сведочи дека уште во 1991 година, на собраниската седница на која се водела дискусија за промена на Уставот за отстранување на зборот „социјалистичка“ од тогашното име на државата Социјалистичка Република Македонија, имало идеја за вметнување географска одредница.

Идејата дошла од тогашниот пратеник на СДСМ (во февруари 1991 г. името на партијата од СКМ-ПДП е променето во СДСМ), а подоцна и министер за надворешни работи и амбасадор на земјава во Софија и во Атина, Благој Ханџиски.

Во обраќањето на седницата, одржана на 16 април 1991, тој вели дека го поддржува бришењето на „социјалистичка“, но се фокусира на порака до пратениците и интелектуалците кои ќе го пишуваат новиот устав по прогласувањето независност да размислат дали во името треба да се вметне и географска одредница. Неговото објаснување е дека треба да се знае дека македонскиот народ остварил државност само на еден дел од неговата територија. Ако слушнеме вест од Северна Каролина, тоа алудира на фактот дека постои и Јужна Каролина, рекол тогаш Ханџиски меѓу другото.

На својата идеја од пред 32 години, која сега е реалност, Ханџиски се наврати во интервју за емисијата „Стадион“ на радио Канал 77, емитувана вчера, во која дава објаснување за тогашниот негов предлог.

„Северна и Јужна Каролина, Северна и Јужна Кореја, јас првпат ги споменав за време на расправата за изработката на новиот Устав во 1991 година, од следните причини: Северна и Јужна Каролина ги споменав како пример на две држави со ист народ и исти права, а Јужна и Северна Кореја ги споменав како примери на две држави и на еден народ во кои делот на народот во Северна Кореја нема практично никакви права. Ние успеавме да ја формираме Република Македонија како држава на македонскиот народ и националностите во ‘Вардарска’ – северена Македонија и затоа сметав дека ние имаме обврска да се грижиме за правата на Македонците во ‘Егејска’, јужна Македонија односно во ‘Пиринска’ и источна Македонија. Во тој контекст беа споменати Северни и Јужни Кореи и Каролини“,вели Ханџиски во интервјуто за Канал 77.

Тој, пред да се наврати на својот предлог за географска одредница, го сподели и својот став што го имал во врска со предлогот на тогашниот шеф на португалската дипломатија Жоао Пињеиро. Португалскиот предлог, како што потсетува Ханџиски, бил името на земјава да биде „Нова Македонија“ само за меѓународна употреба. Ханџиски тогаш побарал Собранието да не го отрфла ова решение, туку да го проанализира и конструктивно да влезе во расправа од која би се извлекол максимумот во однос на зачувување на уставното име на државата.

„Јас за првпат во врска со името на Република Македонија се изјаснив во април 1992 година после предлогот на португалскиот министер Пињеиро, којшто ни предложи да го прифатиме само за меѓународна употреба името ‘Нова Македонија’. Јас побарав Собранието да не го отфрла тој предлог, да го проанализираме со оглед на тоа што имав информација дека пред да го дадат тој предлог бил консултиран и грчкиот премиер (Константин) Мицотакис, кој не се изјаснил, меѓутоа знаев сосема сигурно дека радикалниот националист министер за надворешни работи (на Грција н.з.) и потпретседател на владата, Андонис Самарас, нема никогаш да го прифати тоа име и затоа повикав да се размислува да влеземе конструктивно во расправа од којашто ќе извлечеме максимум во однос на зачувувањето на уставното име Република Македонија“,вели Ханџиски.

Back to top button
Close