(ВИДЕО) 360° Tрендот на голем број новозаразени со коронавирус не запира – дали ќе влијаат мерките од викендот

На 27 мај имаше 450 активно болни од ковид-19 во земјава. Денеска, 12 дена подоцна, бројката е за три пати поголема и изнесува 1343 болни. Тоа е за 366 повеќе од врвот при првиот бран регистриран на 19 април.

Кога бројот на новозаразени ќе се разложи по недели, почнувајќи со првиот регистриран случај на 26 февруари, тековната 15-та недела, иако завршува утре, веќе за двојно ја надмина претходната, која досега беше рекордна со 377 нови случаи за седум дена. Дали мерките од изминатиот викенд ќе придонесат за намалување на бројот на заразени или ќе го зголемат бројот на жаришта?

Задушница во Велес. Владата забрани посета на гробиштата за празникот, но црквите беа отворени. Пред велешкиот соборен храм „Свети Пантелејмон“ и верници и полиција.

„И вчера и денеска бев и пак ќе одам! Бог да чува!“,

им се обрати верничката на полицајците кои ѝ укажаа дека во црква смее да оди, а на гробишта не.

„Се гледа дека никој нема, секој е свесен и совесен. Да се тргнеме да не се гужваме, многу ‘метеж’ се создаде, ќе треба од друг изјава да земeте“,

прокоментира таа.

Ретки беа верниците што дојдоа да се помолат за душата на упокоените во вонредни услови и со маски. И нив ги пречекала полицијата пред црковните порти.

„Ни напомнаа дека не можеме на гробишта им кажавме дека сме известени и тоа“,

„Од понеделник што ќе биде, кризата ќе помине? А сега до понеделник дали има криза, за еден ден дали ќе се острани таа криза?“,

велат верниците.

Црквата планирала верскиот обред да се спроведе на дистанца и со заштитни маски. А непосредно пред Задушница, Повардарската епархија јавно ги повика сите верници во деновите петок и сабота да присуствуваат во црковните дворови. По ова, Обвинителството отвори предмет и најави дека ќе испитува евентуална кривична одговорност околу почитувањето на владините мерки за заштита од коронавирусот. Никој од свештениците не сака да коментира за повикот оти велат дека за тоа немаат благослов од владиката Агатангел.

Слично беше и претходниот ден. Полицијата пред влезот на друг храм предупредуваше да се носат маски.

Господ е еден и ќе ги казни. Господ нека ги казни тие што забраниле. Ако е за арно во ред, ако не да ги казни.

-Зарем не стравувате за вашето здравје?

Не не стравувам, бидејќи еднаш сум се родил, еднаш ќе умрам. Не може двапати да умрам.

-За најблиските, за повозрасните? Сепак треба одговорни да бидеме кон сите.

За најблиските да, си седат дома. Еден до фамилијата ќе дојде со заштитни одела да го направи адетот, ќе се дезинфицира и ќе отиде“,

„Треба сите граѓани да бидеме еднакви, не може за едни вака, за други поинаку“,

ни кажаа верниците.

Револтот кај православните верници е што за Бајрам немаше ваква забрана, па џамиите беа преплавени со луѓе.

Во пресрет на полицискиот час кој почнуваше во 16 часот, ваква беше сликата во Велес.

На гробиштата во Скопје верници побрзаа да дојдат уште во четвртокот пред тридневната забрана.

„За Велигден не е важно, ама сега за на гробишта, ќерка да ми почине…да дојдам денеска, а требаше утре…многу ми е криво верувајте.

-Не е во Задушницата, во раздавањето болката…

Па не е, ама сакаш да дојдеш, да средиш. Не може така само не е да се каже.

-Сепак е вонредна состојба.

Разбирам дека е вонреден, ама ако може да се движат по улица, како за гласање може, а за ова не може? Многу е тешко“,

ни изјави верничка која ја затекнавме на гробиштата во скопски Бутел.

Викендов преплавени беа и туристичките места во државава. Гостите во Охрид заборавија и на маски и на физичка дистанца.

Министерот за здравство Венко Филипче, сепак, вели дека викенд-мерките имале ефект.

„Полицискиот час за викендов дозволи многу полесен пристап и брзо тестирање на сите контакти што беше отежнато во многу случаи изминатите денови, минатата недела. Оној иницијален отпор што го имаше на некои места сега има поголема соработка со граѓаните. Епидемиолозите многу полесно успеаа да пристапат и тестираат. Апелирам до граѓаните максимално коректно да соработуваат со епидемиолозите и да даваат точни податоци“,

кажа министерот Филипче.

Причините за големиот број новозаболени овие денови се лоцира во непочитување на мерките и групни собирања во периодот пред 25 мај.

„Она што се случи после 26 мај, исклучиво согласно епидемиолошките анкети што досега сме ги направиле се должи на тотално непочитување на одредени превентивни мерки кои ги дадовме како препорака од Комисијата за заразни болести и министерот за здравство, а тоа се: носење на заштитна маска, спречување на групирање повеќе од две лица, што ни се удри како бумеранг заради непочитување на мерките за време на верскиот празник Рамазан Бајрам и ифтарските вечери кои се случуваа во тој период. Како што гледаме од тој период бројот на заболени почнува да се зголемува“,

рече на денешната прес-конференција др. Жарко Караџовски, претседател на комисијата за заразни болести.

Скопје е на врвот по бројот на новозаразени и активни случаи. Надлежните велат дека 90 отсто од заразените во градот се од 41 кластер, односно се поврзани со веќе познати случаи и навреме се откриени. Дури 65 проценти се без симптоми. Од Комисијата за заразни болести отфрлаат одговорност за повторениот бран.

„Не Комисија, Господ да ви дојде овдека не може да ви помогне, ако некој од народот тоа не го почитува“,

порача Караџовски.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close