(ВИДЕО) 360° Зошто дел од луѓето упорно веруваат дека не постои коронавирусот

Сезоната на садење тутун во Велешко и оваа година тече по старата пракса – соседска, рачна помош и машина, оти друг начин нема. Сеидбата не трпи физичка дистанца, како што налагаат препораките за заштита од коронавирусот, иако оваа група земјоделци веруваат дека од такво нешто нема ниту потреба.

„Не постои (корона). Кај нас е чисто, мирно. Нема такви работи, ние не веруваме. Ова е нешто вештачки наместено.

– Зошто некој вештачки би наместил?

Е па, не знам. Сѐ е за пари правење“,

вели земјоделката Трајанка Митковска.

„Ние не веруваме во политичари, не се стабилни.

– Не ве загрижуваат статистиките, еве, починати, заразени?

Не, не, бидејќи лани во нашето село 13 луѓе за еден месец умреа. Ниту имаше корона ниту ништо, на кој како му дојде, така си умре“,

коментира земјоделката Стојна Јакимовска.

Овие земјоделци не се осамени во ставовите. Иванковци има осумстотини жители. Овде, и покрај епидемијата, се чини, секојдневието воопшто не е променето, иако главна тема на муабет во селото, сепак, е коронавирусот.

На камионџијата Влатко му годи дружбата со соселаните откако по враќањето од странство, како што вели, попусто морал да помине 14 дена дома во самоизолација.

„Како почна на телевизор да објавуваат некои работи, тогаш почна народот да се плаши. Тоа е само на психичка база, да седиме дома, по мое мислење е така.

– А не мислите дека треба да се заштитите, сепак, некако?

Па, треба. Сега, како што гледаш, еден од друг, сите се плашат.

– Е па, ако не постои, зошто носите?

Па, јас не носам, превентивно носам во Велес, зашто не ме пуштаат во продавница.

– Инаку не би ставиле?

Не, не би ставил“,

ни кажа Влатко Стефановски, жител на с. Иванковци.

„Овде маски не се носат, единствено ако дојде полиција, зорле да нѐ тера да носиме, а ене во колата ми стојат 3-4 маски…

– Е па, зошто не ставате?

Ама зошто да носам? Овде нема, ниту може да има.

– Кој ви гарантира?

Јас ви гарантирам, природата е таква“,

прокоментира друг жител на селото, Владо Величковски.

Зошто луѓето се индиферентни и покрај бомбардирањето со информации за ковид-19? Прашањето е комплексно и за професорот по психологија Атанас Кирјаковски, кој смета дека индивидуалецот се соочува со низа умствени фактори и во оваа пандемија. Кирјаковски објаснува дека еволуциски, луѓето секогаш имале тенденција кон оптимизам.

„Од  аспект на оваа епидемија оди против затоа што луѓето не веруваат дека нешто ќе им се случи лично нив и дека лошото е некаде далеку на страна, и друг аспект е што ова е еден непријател кој е многу тивок и невидлив, којшто напаѓа бавно. Ние како дел од животинското царство, нели, и ние сме дел од тоа царство, сме еволуирале да детектираме опасност само кога е непосредно присутна“,

објаснува доц. д-р Атанас Кирјаковски од Меѓународниот балкански универзитет, основач на „Наука за сите“.

Луѓето, вели тој, сакаат да веруваат  во правичен свет.

„Веруваат дека лоши работи им се случуваат само на лоши луѓе. И третиот феномен, кој се поврзува со пасивноста на луѓето да ги следат и имплементираат мерките, е феноменот на научена беспомошност. Кога еден организам се наоѓа во ситуација на агонија и на страдање, но во исто време не може да направи ништо за тоа, учи да стане беспомошен. И кога тој организам, или тоа животно, или во овој пример – човекот, ќе го преместите во ситуација кога може да преземе нешто за да ги ублажи такви страдања, тој не го прави тоа, затоа што научил да се однесува беспомошно“,

вели Кирјаковски.

Велес и околината не се изолиран пример. Вакви ставови делат и жители на скопски Сарај, едно од актуелните жаришта на коронавирусот.

Професорот по антропологија Љупчо Ристески смета дека медиумите треба бидат шаренолики во известувањето, и да се обидат да презентираат и позитивни примери. Отпорот на луѓето го припишува на презаситеноста од негативни вести, но и на недовербата кон јавните институции градена со години.

„И луѓето, на некој начин, сакајќи да го искажат тоа дистанцирање, тоа несогласување спрема овие институции, најчесто сакаат со едно игнорирање да го отфрлат на некој начин постоењето на еден ваков вирус, епидемија итн. Исто така, мислам дека ваквиот тип игнорантство може да биде и од сѐ уште недоволна информираност на сите слоеви во општеството и тука мислам дека медиумите мора да одиграат многу поголема улога, многу поголемо значење“,

смета Ристески.

Одбивноста да се посегне кон лична заштита, па дури и да се работи само за маски или дистанца, Ристески ја припишува и на културните и општествени карактеристики на нашето поднебје.

„Некој вообичаено тоа го нарекува менталитетот на луѓето. Кај нас е многу вообичаено таа блискост да се искажува покрај останатото и преку физички, непосреден контакт. Тие споредби со некои од земјите во Скандинавија и нивниот начин на однесување, тоа се едноставно несоодветни споредби во смисла на обрасците на културно однесување. Може да се промениме и работите многу се променија, гледаме во најголем дел граѓанството во државата сосема јасно се придржува до мерките оти тоа ако не беше така ќе имавме рапидно зголемување. Сега е важно тоа да продолжи да се практикува“,

вели проф. по антропологија Љупчо Ристески.

Здравствените власти постојано велат дека ширењето на заразата е под контрола, но и дека луѓето не смеат да се опуштат. И додека овие зборови се повторуваа настапија верските лица.

„Јас мислам дека лажичката и причестата не придонесуваат. Оној што се плаши од причеста нека не пристапи. Не можеме да менуваме традиција од векови“,

кажа за ТВ Телма владиката Тимотеј во пресрет на големиот христијански празник Велигден.

„И да знаете дека Ковид-19 можам слободно да го прогласам дека е умрен од денеска“,

рече поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, на муслиманскиот празник Бајрам.

„Една од доктрините на најголемиот број на религиите е тоа дека Бог треба да ни е во срцето. Е, ако е така, тогаш нема потреба во вакви случаи да се изложуваме и најважно од сѐ е да ја изложуваме заедницата на поголеми ризици“, порачува антропологот Ристески.

Не само верските лидери туку сите авторитети треба да се обединат и нивното влијание да се насочи исклучиво за дејстување во интерес на заедницата, додава професорот Кирјаковски.

„Рол-модели од сите релевантни фактори, да се лоцираат лица кои се локални авторитети и тие лица да се таргетираат, да се едуцираат и понатаму да ја спроведат пораката. Понатаму, самите политичари да покажат соработка, да покажат дека ова е проблем кој нѐ засега сите нас и дека треба да престанеме со политички игри и ценкања и после тоа кога ќе го решиме може да продолжиме ‘да се колеме’ што се вика. Во овој момент мора да се покаже солидарност, соработка и унитарност“,

порачува Кирјаковски.

 

Извор: 360 Степени

 

Back to top button
Close