(ВИДЕО) Ајдари за „Слободен печат“: Протестиравме мирно за да се случи европска правда во нашата држава

Тукушто заврши протестот за пресудите од судскиот процес „Монструм“, којшто помина мирно и без инциденти.

Според Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените лица во „Монструм” и еден од организаторите, целта на денешниот протест била да се укаже на тоа дека правосудниот систем е неправеден и дека е со двојни стандарди.

– Ние бараме да се ослободат неправедно осудените, а бараме и да се покрене постапка и за полицајците коишто ги провоцираа демонстрантите на претходните протести. Исто така, бараме од меѓународниот фактор да избриши притисок, сѐ со цел да се случи европска правда во нашата држава, изјави Бедри Ајдари за „Слободен печат“.

За петкратното убиство кај Смилковското Езеро, Судот на 23 февруари годинава во повторената постапка ги прогласи за виновни и им одреди доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години одреди за Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години за Хаки Азири.

Ова е втор протест откако Судот ги објави пресудите за петмината обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. На претходниот протест, дел од демонстрантите се судрија со полицијата кај Бит-пазар при што беа повредени 11 полицајци, а беше нападната и новинарска екипа.

Back to top button
Close