ВИДЕО:Јаглен на раскрсница
Во македонското село Новаци, само неколку метри од големиот рударско-енергетски комплекс, жителите живеат со постојана прашина, бучава и страв од тоа што следува. Децении наназад, РЕК Битола обезбедува речиси две третини од македонската електрична енергија од државните капацитети, но во наследство остава и загадување, криминали поврзани со тендери и закочена модернизација, пишува Нота.
Селаните опишуваат лета кога алиштата не можат да се сушат надвор, зими задушени од смог и секојдневни конвои од камиони со јаглен, кои веќе однеле живот на локалните патишта. Плановите за изградба на регионална депонија на местото на исцрпен рудник дополнително ги зголемија стравувањата за здравјето и безбедноста.
Внатре во РЕК Битола, работниците раскажуваат за распадната инфраструктура, застарена опрема од советската ера и корупција во набавките. Сведоштва откриваат злоупотреби со бројни договори за ископ или достава на јаглен, политичко покровителство при вработување и скапи увози на нискоквалитетен јаглен кои направиле штета и предизвикале прекини во производството на струја.
Владата и државната компанија ветуваат транзиција: нови соларни и ветерни паркови, програми за преквалификација и конечно затворање на постројките на јаглен. Но, со 2.300 работни места врзани за електраната и 66.000 работници низ земјата изложени на ризик од зелената транзиција, скептицизмот е длабок.
Оваа прекугранично истражување открива како огромни количини јаглен и мазут беа купувани за да се задоволи домашната побарувачка за електрична енергија, трошејќи стотици милиони евра додека се генерираат загуби. Високите производствени трошоци се прикриени со продажба на струја на потрошувачите по пониски цени заради социјална стабилност.
Новинарскиот тим откри шеми во РЕК Битола, каде што количините на испорака биле фалсификувани: истите камиони со идентични товари влегувале и излегувале повеќепати; јагленот се мешал со песок за да се зголеми тежината; а лабораториските записи ги пренадувале калориските вредности, носејќи милионски нелегални добивки. „Марковски компани“ дури добила целосна исплата пред да го заврши договорот. За време на истрагата, македонското јавно обвинителство покрена случај против фирмата, замрзнувајќи средства во Србија поврзани со нејзиниот сопственик — богатство стекнато од кривичното дело.
Преку меѓународни проекти, Германија активно ја поддржува македонската транзиција кон обновлива енергија. Германија постепено го укинува јагленот, претворајќи поранешни рудници во вештачки езера, рекреативни зони и заштитени подрачја. Во Македонија еден таков рудник треба да се претвори во регионална депонија.
Ова истражување ја документира човечката и институционалната раскрсница на енергетската иднина во македонија — каде локалните заедници го носат товарот на загадувањето, работниците се соочуваат со системско лошо управување, а државата делумно се обидува да ја усогласи зависноста од јаглен со климатските обврски.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.






