(ВИДЕО) Ахмети: Во 2016 г. од ВМРО ми бараа, но одбив да го убедувам Груевски да не биде премиер
Петок навечер е, а градоначалникот на Општина Боговиње е на терен. Не во јавно, туку во партиско својство. Членови и симпатизери на Демократската унија за интеграција доаѓаат во општината на средба, каде главен гостин е лидерот на партијата, Али Ахмети.
Средбата е закажана во ресторан за свадби. Додека се полнеше со жители на Боговиње, но и со партиски функционери и пратеници од тој крај, во салата пристигна и првиот човек на ДУИ, заедно со партиските соработници.
Прв говореше градоначалникот Бесник Емшиу. Се пожали на тоа што Владата, во актуелниот проект за поддршка на општините, ги дели парите користејќи методологија која го зема предвид само бројот на резидентно население.
„Владата отсекогаш одвојувала средства и овојпат Владата доделува средства на општините врз основа на бројот на населението, не вклучувајќи ги иселениците, односно нашите иселеници. Затоа, распределбата на средствата врз основа на оваа методологија, вклучувајќи го само бројот на резидентно население, е на штета на албанските општини“.рече Емшиу.