(Видео) Јакимовски жестоко по Мицкоски: За десет месеци ја растури државата и ги обезглави министерствата – имаме нефункционален систем
Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски се уште не може да каже дали повторно ќе се кандидира и ќе учествува на локалните избори. Вели дека како партија ГРОМ прават анкети и ќе видат какви резултати ќе покажат.

-Размислуваме, но до крај не сме одлучиле за оваа работа. Треба да се решаваат проблемите на граѓаните и не можеме да дозволиме во општината да влезе било кој, кажа денеска Јакимовски во изјава за медиумите.
Претходно градоначалникот го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека „за десетина месеци на власт ја растурил државата“ и ги „обезглавил министерствата“.
-Дајте му власт и ќе видите што човек е. Овој човек не може да владее на овој начин – тој ја разединува државата. Ние во моментов имаме и обезглавен претседател на држава. Имаме тотално нефункционален систем и живееме во два паралелни светови – неговиот свет и вредности се мерат во тоа за колку канти бензин денеска поднеле кривични пријави, кој од неговите непријатели ги ставил во затвор и колку кредити земал и ја задолжил Македонија и граѓаните. Немаме реформи. Нели ќе правеше закон за менување на градоначалници? Никаква промена во делот на локална самоуправа. Чувствува ли одговорност за хаосот во градот? За полните контејнери, за џунглата од трева? Ние на чело на Владата имаме човек и луѓе кои апсолутно не знаат како изгледа држава, рече Јакимовски.
Извор: infomax.mk