ВИДЕО: Ако имате стар компјутер, не го фрлајте – Стаменов ги репарира и ги подарува на учениците за онлајн настава

Ако имате компјутер, ајпод или стар лаптоп што не ги користите, не ги фрлајте. Борче Стаменов ги репарира, ги адаптира за апликацијата Микрософт тимс и им ги дава на децата. Целта е учениците кои немаат средства за следење онлајн настава, да им ги даде компјутерите и да се вклучат во образовниот процес.

Ова што го прави сега всушност му е професија. Но ова го прави бесплатно со цел да им помогне на децата кои немаат услови за следење онлајн настава.

Компјутери му наоѓаат пријателите, блиски луѓе или пак од интернет. Тие му ги носат компјутерите од другите градови, тој ги репарира а потоа им ги испраќа на учениците на кои им се потребни.

Вели дека со оваа активност се занимава од почетокот на спроведувањето на онлајн наставата во земјава. Најпрво ги репарирал и ги донирал компјутерите што ги имал во магацинот. Кога ја споделил идејата на социјалните мрежи, почнале и други луѓе да му испраќаат компјутери. До сега репарирал и донирал вкупно 400 компјутери и планира да продолжи со оваа активност.

Во нашата земја голема е потребата од компјутери, бидејќи според официјалните податоци, над 40 илјади деца немаат опрема за следење онлајн настава. Властите неколку пати ветуваа дека ќе најдат начин за субвенционирање на овие деца, но во моментов нема конкретна мерка.

Back to top button
Close