(ВИДЕО) Актерката во шок: Ова ли е вистината за Кочани? Теодосиева за невниманието, негрижата и корупцијата

„Првата асоцијација за Кочани ми е ориз. Но за жал не е веќе оризот или дека Кочани е мојот дом. Денес е катастрофата и пожарот што се случи во годинава. Таа среќа или несреќа му се падна на Кочани, а тоа можеше да се случи било каде во оваа држава. Младите кои живеат во Кочани, излегуваат таму, познато е дека градот имал многу добар ноќен живот, многу добри рејв журки, културен живот, театарски претстави, театарски фестивали и тн. и самиот град е жив сам по себе. Луѓето кои живеат таму сакаат да излегуваат и до ден денес кога ќе отидете во Кочани, сите кафиќи и такви локални места се полни. Така што ако некогаш барам некакво објаснување зошто баш во Кочани, си реков можеби затоа што многу сакаме да се забавуваме. Меѓутоа не е тоа одговорот. Одговорот е невниманието, негрижата и корупцијата која веќе со години владее во нашата држава и во нашиот трул систем“, вели за магазинот „Трилинг“, филмската и театарска актерка Наталија Теодосиева, говорејќи за трагедијата која ја потресе Македонија.

„Кочани е мал град, мало место и сакале и не ние меѓу себе се познаваме. Се сеќавам на правата вечер, односно во понеделникот вечерта кога се случи пожарот, јас веќе бев дома во Кочани и сите бевме надвор излезени. Едноставно луѓето не можеа да седат дома. Палевме свеќи на плоштадот и никогаш нема да го заборавам тој момент кога излеговме со мојата фамилија надвор имаше премногу луѓе и верувајте не знаевме на кого кој му починал или на кого кој е во болница и едноставно не знаевме како да се поздравуваме меѓу себе, не знаевме кому да му изразиме сочувство, кому не и само поминувавме, климавме со главите и велевме Бог да ги прости. Добри три-четири дена така се поздравуваме ние во Кочани, затоа што сѐ уште не знаевме чија фамилија изгубила него. Инаку да, имам роднини кои беа на лекување во странство, за среќа се добри и се дома. Со добра психолошка поддршка добро се справуваат со таа траума. Меѓутоа има еден факт дека 90% од децата кои се преживеани не се сеќаваат воопшто на настанот и што точно се случило, како се спасиле и кој ги спасил и веројатно тоа е една олеснителна околност полесно да поминат низ траумите.

-Имам неколку другари кои починаа. Починаа спасувајќи други деца и верувајте дека тоа е првата помисла кога ќе влезам во Кочани. Често одам таму и дискотеката беше на самиот влез на градот. Секогаш кога поминувам од таму ги замислувам нивните ликови и како успевале да се справат со тоа, како го изгубиле животот, како се задушиле, кого спасиле. После тоа се замислувам себе си како јас сум таму, дали ќе се спасам или не. Секој друг кочанчанец истото би ви го одговорил. Ние пораснавме со таа дискотека. Таа постоеше некаде 15 години, јас работев таму кога бев помала, од самиот ден сум била во таа дискотека, така што без разлика дали имаме близок роднина, пријател другар кој е загинат или повреден, сите го чувствуваме тоа, затоа што сите можевме да бидеме на тоа место“, вели Теодосиева и додава дека по природа е оптимистичен човек и многу и е жал што се повеќе се чини дека живееме во некаков дистописки филм.

„Пред очи ни се случуваат трагедии од вакви размери. Буквално мирисот го осетивме на пожарот и на тие изгорени тела во таа дискотека. Буквално го осетивме“, вели Теодосиева.

„Бев многу амбициозна кога бев студентка и кога завршив. Мислев дека светот ми припаѓа на мене и дека се треба да работам и дека морам да работам. Ми се случуваа проекти, но и не ми се случуваа проекти, меѓутоа добро се снаоѓав со нив. Имав прекрасна соработка со Унковски – три проекти кои одговорно тврдам дека ме имаат оформено како актерка. Тоа искуство не би го заменила со ништо. Така што мислам дека почетоците ми беа доста плодни и креативни и шаренолики. Кога ќе кажам шаренолики мислам на тоа дека работев во повеќе театри, а не се вработив брзо. Јас се вработив пред три години. Тоа што долго време работев во различни театри, со различни ансамбли исто така ме оформи да бидам денес тоа што сум, да ги гледам работите малку поразлично и да сакам да работам нови работи и нови форми“, вели Теодосиева за нејзините почетоци како актерка.

Целото интервју со актерката Теодосиева ТУКА

Back to top button
Close