Видео: Алкалоид промовираше сала за ракомет која ќе биде расадник на таленти

Мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба, порача генералниот директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов, денеска при отворањето на спортската сала на ракоментиот клуб „Алкалоид“ во скопска Автокоманда.

– Сега имаме сала во која може да се тренира од утро до вечер. Основна цел е регрутрација на млади таленти кои ќе ги научиме и на добри човечки вредности. Нашата мисија ќе биде исполнета оној ден кога ќе можеме да се пофалиме дека го имаме новиот Лазе, новиот Столе, новиот Манасков… Мора да веруваме во самите себе, во тимот, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба – рече Мукаетов додавајќи дека сакаат да бидат пример како треба да се развива спортот во земјава.

Тој им се заблагодари на сите вработени во компанијата кои на свој начин сериозно придонеле за реконструкцијата на оваа спортска сала.

Оваа сала ќе биде нова ракометна база на клубот „Алкалоид“. Денеска беа промовирани и дресовите за тековната сезона, а за стратегијата и визијата за развој на клубот и осумте младински ракометни школи зборуваше тренерот Кирил Лазаров.

– Чест и привилегија за нашиот клуб е да имаме свој дом. Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна иднина. Презадоволен сум од успехот кој го постигнавме за кратко време – рече Лазаров, кој додаде дека треба да се работи напорно за ракометот да остане спорт број еден во Македонија.

Влезот во реконструираната спортска сала

Формиравме уште еден клуб, „Мулти есенс“, градски клуб, каде овозможивме да учествуваат ракометни таленти од целата земја. Формиравме 5 младински селекции кои се натпреваруваат под капата на РФМ. Едната селекција од 2004 годиште моментално е на првото место во групата во која се натпреварува – додаде Лазаров.


Новите дресови на ракометниот клуб „Алкалоид“ 

Претседателот на ракометниот клуб „Алкалоид“ Горан Минов рече дека без поддршката од компанијата Алкалоид овој клуб би бил невозможен.

– Со силна амбиција нашиот клуб останува доследен на принципот да расте и да се развива како квалитетна база која на долгорочен план би била расадник на домашни млади таленти и идни македонски репрезентативци – рече Минов.

Тој најави дека од 1 јануари на клубот ќе му се приклучи и ракометарот Пепи Манасков.

На денешниот настан беа промовирани и химната и спотот на клубот „Алкалоид“.

Back to top button
Close