(Видео) Андоновиќ: Албин Курти би можел повторно да стане премиер на Косово

Лидерот на ,,Самоопределување“ Албин Курти најверојатно ќе биде идниот премиер на Косово. Ова се темели на фактот дека тој и неговата партија имаат најголема поддршка помеѓу граѓаните кои во наредниве 40 дена на избори треба да излезат и да ја изгласаат новата власт.

Уставниот суд на Косово синоќа го прифати барањето на опозициското Движење самоопределување за прогласување за неважечки на еден од гласовите на пратениците за избор на актуелната влада. Со оглед дека без тој глас кабинетот на Хоти на 3 јуни не би обезбедил мнозинство од 61 пратеник во Собранието, Судот одлучи дека и тогаш изгласаната Влада нема легитимитет.

 

По оваа одлука, вршителката на должноста претседател на државата, Вјоса Османи, согласно Уставот, ги започна консултациите со партиите, за одредување на датумот на одржување на вонредните парламентарни избори, кој може да биде најдоцна 40 дена по распуштањето на Собранието.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека беспоговорно ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за прогласување за нелегитимна Владата која тој ја води и организирање вонредни парламентарни избори, Хоти оцени дека е „добро тоа што Уставниот суд ја појаснил ситуацијата“ и нагласи дека актуелната Влада останува на должност до изборот на нова Влада.

Тој побара Собранието да не се распушти пред да се изгласа буџетот на државата за 2021 година. Владата на Авдула Хоти беше избрана на 3 јуни годинава, откако претходно беше изгласана недоверба на владата на Албин Курти, кој ја водеше земјата во претходните четири месеци.

Извесното враќање на Курти на премиерската функција како и вонредните парламентарни избори ќе го пролонгират продолжувањето на дијалогот на Белград и Приштина околу идниот косовски статус, особено што доколку Курти повторно седне на премиерското место, може да предизвика закочување на разговорите со српската влада.

Тој во својот четиримесечен мандат имаше тврд став околу многу прашања меѓу кои и укинувањето на таксите за српските производи на Косово.Токму малиот степен на компромис, според експертите може да доведе Курти да предизвика повторно запирање на, и онака тешките преговори меѓу Приштина и Белград.

Back to top button
Close