(Видео) Јаневска: Државата нема да си ги бара парите од стипендистите кои не се враќаат дома

Министерката за образование, Весна Јаневска, во интервју за „360 степени“ вели дека не можеле да се наплатат долговите на стипендистите кои не се враќаат дома, и покрај договорите и мениците.
Според неа, државата е виновна што не им понудила опции на стипендистите по нивното завршување на студиите. Вели дека потребни се напори да се искористат тие луѓе, а не да им се наплатат дадените пари.
Почнувајќи од 2010 година Македонија потроши 38 милиони евра за стипендии на перспективни студенти од земјава кои успеале да се запишат на 100 најдобри универзитети во светот според Шангајската листа. Сите имаат потпишано договор и меница, дека ако не се вратат да работат во земјата неколку години откако ќе завршат, ќе треба да ги вратат парите и тоа во неколкукратно повисок износ.
Од вкупниот број корисници, во земјата се вратиле само 20%, а никој нема вратено ниту денар.
„Оние кои успеавме да ги лоцираме, а одамна завршиле, овие кои сѐ уште се на студии веќе ги регистрираме, се потрудија на некој начин да ѝ возвратат на државата. Тие формираа една невладина организација која се вика „Мостови кон дома“, во постојан контакт се со Министерството и почнаа веќе сериозно да работат бесплатно, нели, за сопствената земја. Ние сме на почеток на тие проекти, но тоа се сериозни проекти и тие искрено сакаат да се оддолжат на својата татковина.
Тие што останале надвор, па така, работат за Министерството за здравство, работат за Заводот за статистика, работат за театри, работат за училишта… Сѐ уште бројот на проекти е мал, но јас сум сигурна дека според ентузијазмот кој го гледам кај нив, тие ќе продолжат да ѝ се оддолжуваат на земјата. Не затоа што мораат, туку затоа што искрено сакаат. Затоа што она што земјата не го направила како своја обврска – не ги повикала и не им понудила работа во периодот во којшто биле склучени договорите според клаузулите од договорите – тие не се виновни.
Сметам дека можат да дадат сериозен придонес и дека тоа го прават, а и понатаму ќе го развиваме ова што треба“, вели Јаневска во интервјуто.
Таа не е сигурна дека целта да се испратат на најпрестижните универзитети била да се вработат во администрација, да се зајакне администрацијата.
Извор: fokus.mk






