(ВИДЕО) Апокалиптични сцени во Техеран – по нафтените складишта, Израел го нападна седиштето на иранските воздухопловни сили

Конфликтот на Блискиот Исток, кој започна со нападот на Соединетите Американски Држави (САД) и Израел врз Иран, влезе во втората недела. Израел денеска рано наутро ја нападна енергетската инфраструктура, а сега ги таргетира и воздухопловните сили на Иран, пишува Би-би-си.

Израелската војска соопшти дека извршила уште еден бран напади во Техеран и тврди дека цел било седиште на воздухопловните сили на корпусот на Исламската револуционерна гарда.

„Израелските одбранбени сили (ИДФ) го таргетираа и уништија седиштето на Вселенските сили на Исламската револуционерна гарда на иранскиот терористички режим. Штабот служеше како центар за прием, пренос и истражување за Иранската вселенска агенција, која е поврзана со војската на режимот“, соопштија Израелските одбранбени сили, според Си-ен-ен.

Според израелската војска, локацијата се користела за истражувачки цели и сателитско следење.

ИДФ велат дека погодиле и десетици други цели, вклучувајќи околу 50 бункери каде што тврдат дека се складирала муниција, како и комплекс на Исламската револуционерна гарда и центар за внатрешна безбедност.

Израелската армија претходно ги бомбардираше нафтените резерви на Иран во Техеран. Токсичен дожд паѓал над градот, а граѓаните биле предупредени да не излегуваат поради опасноста да се здобијат со изгореници и поради токсичниот воздух што може да им ги оштети белите дробови.

Како што објави британската телевизија Скај њуз, огнените јазици што го парале небото над Техеран личеле како сцена од апокалипса откако Израел погодил четири различни нафтени објекти во близина на градот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе најави дека следуваат многу изненадувања, а едно од нив се смета дека е токму овој напад.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close