(Видео) Арсовска со полициска придружба во Чаир, откриена зграда дивоградба од 12 ката со 50 станови Станарите се заканувале и им ги исекле гумите на возилата на инспекторите

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, заедно со полициско обезбедување и околу 20 вработени од Градот, во моментов се наоѓа на терен во општина Чаир, на локацијата каде што, според неа, се гради објект без одобрение за градба, на државно земјиште и без проект за безбедност.

 Данела Арсовска, денеска преку објава на социјалните мрежи алармираше за, како што тврди, сериозен урбанистички и безбедносен скандал во Општина Чаир, каде се гради објект од 12 ката со над 50 станови без основен проект, без платени комуналии и со низа незаконски приклучоци на струја и вода.

Според Арсовска, објектот се обидува да се легализира со лажна документација, прикажувајќи се дека е изграден во 2011 година. Таа информира дека инвеститорот на диво веќе се приклучил на електричната мрежа, а денес, во недела, се изведувале и нелегални работи на булеварот за приклучок на водоводната и канализациска мрежа.

Арсовска ја обелодени оваа информација во живо на својот фејсбук профил, обвинувајќи дека се работи за дивоградба која се гради во непосредна близина на основно училиште, што претставува безбедносен ризик за учениците и жителите од околината.

Таа го повика градоначалникот на Чаир – Висар Ганиу, но и министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски, да ја истражат изградбата на овој објект кој дополнително е и незаштитен.

„Дрскоста оди дотаму што денеска се копа булевар со надеж дека во недела нема институции кои ќе реагираат“, напиша Арсовска, додавајќи дека се работи за опасен објект кој се гради без надзор и без одобрение, со сериозни закани упатени до оние што алармираат.

🛑Небезбедно, без проект, без комуналии, 12 спрата над 50 станови незаконски градени сега со обид да се прикажат дека се од 2011, со нелегален приклучок на струја, нелегален приклучок на вода и МНОГУ ЗАКАНИ!

‼️Дрскоста оди до таму што денес копаат булевар за диво да се приклучат на водоводна и канализациона мрежа, демек во недела нема никој да ги фати напиша градоначалничката на фејсбук.

Арсовска информираше дека станарите кои веќе се вселени во дивоградбата денеска им се заканувале на инспекторите на град Скопје и им ги исекле гумите на возилата.

Од страна на општина Чаир засега нема официјален одговор, но се очекуваат реакции по објавата и денешната посета на терен од страна на градската администрација.

Извор: 4news.mk/Danela Arsovska Facebook

Back to top button
Close