ВИДЕО | Арсовски: Граѓаните се нервираат што не стигнуваме доволно брзо онаму каде што сме тргнале
Во денешен Утрински брифинг по повод истражувањето на јавното мислење спроведено од Брима, гостин во студиото на Слободна ТВ беше аналитичарот Петар Арсовски.
Арсовски вели дека и во ова испитување на јавното мислење, кое Евробарометар го спроведува во Македонија веќе десет години, нема значајни промени на досегашните трендови
-Постои еден вид на аморфно незадоволство кое произлегува од ковид кризата. Иако ковид не е на врвот на проблемите што ги лоцираат граѓаните. На прво место од проблемите се наведува економијата, а потоа следува владеењето на правото, корупцијата, криминалот и слично, вели Арсовски.
Арсовски проблемот со ковид кризата го смета за акутен проблем кој допрва кај граѓаните ќе предизвика чувство на загрозеност поради последиците, пред сѐ економските, кои ќе следуваат подоцна.
Разликата од претходните анкети е што меѓунационалните теми повеќе не се појавуваат во агендата на граѓаните, а причината за тоа веројатно лежи во фактот што обете големи македонски партии предизборно коалицираа со партии на Албанците во Македонија со што се разби едно табу, смета Арсовски.
Во врска со политички прилики и односи во земјава, Арсовски смета дека многу најавуваната трета опција засега не е реална опција, дека тешко е можно дека би се појавила како значаен фактор. Голем е бројот на независни кандидати за овие локлани избори, но Арсовски предвидува дека според резултатите од анкетата, независните можат да освојат одреден помал број советнички места по што повторно ќе мораат да коалицираат со поголемите.