ВИДЕО: Бездомници обвинуваат за полициска бруталност, од МВР велат – пуштаа гласна музика и беа насилни

Во недела, за време на полициски час дваесетина припадници на интервентната полиција при нивната интервенција употребиле физичка сила врз бездомниците кои живеат под Железничка станица во Скопје. Бездомиците за ЦИВИЛ Медиа раскажаа дека еден бездомник кој не живее во тоа маало, дошол пијан кај нив и побара да му пуштат музика, за што реагираа жителите од околните згради.

„Кога дојде полицијата побараа да се изгасне музиката и ние веднаш ја изгаснавме, но лицето Харун, (кој инаку е познат на полицијата бидејќи често знае да прави проблеми и инциденти), почна да се расправа со полицајците и тие повикаа засилување. За неколку минути дојдоа околу 20 алфи, со пет-шест возила и без да прашат што се случува веднаш почнаа да нè удираат. Не бираа дали маваат мажи, жени, стари или деца“, вели бездомничката Сузана Демир, која се пожали дека има модринки на рацете од тепањето.

Емран Аслан сопругот на Сузана вели дека биле тепани за ништо, односно само затоа што пуштиле гласна музика за време на полициски час.

ЦИВИЛ Медиа побара одговор за овој случај од Министерството за внатрешни работи од каде ни одговорија дека на 07.06.2020 година околу 18,30 часот позади објектот на ПИОМ на кејот покрај реката Вардар, од полициски службеници од Полициската станица Аеродром, биле преземени мерки и активности по пријава од граѓанин за констатирани прекршувања на полициски час од група на граѓани кои биле собрани на јавно место и го нарушиле јавниот ред и мир со пушање гласна музика. Потоа пет лица, најпрво дрско се однесувале кон полициските службеници по што физички ги нападнале, а едно од нив фрлило со камен кон полициското комбе.

„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“ и сторен прекршок „омаловажување на полициски службеник“,  од слобода биле лишени А.Б.(27), А.М. (23), А.А.(30), Е.А.(30) и Х.Ј.(44), сите од Скопје. За омаловажувањето на полициските службеници, на петорицата лишени од слобода, поднесени им се записници за констатиран прекршок согласно член 13 од Законот за прекршоците против јавен ред и мир, додека поради непочитување на полицискиот час и препораките на Владата за справување со пандемијата на Ковид 19, со што е сторено кривично дело, по комплетирање на документацијата ќе им биде поднесена кривична пријава согласно член 206 од Кривичниот законик“, велат од МВР за ЦИВИЛ Медиа.

Повеќе тука.

Back to top button
Close