(ВИДЕО) Бислимоски: Ако се укинат фиксните 200 денари ќе поскапи струјата за редовните корисници

Во однос на програмското ветување на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го укине фиксниот надоместок од 200 денари, Бислимоски потсетува дека „воведување на евтина тарифа и укинување на надоместок се прашања што се решаваат со тарифни системи, а тарифници носи, менува и применува во пракса Регулаторната комисија за енергетика.

Најзначајно од Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2023 година е тоа што само 2,75 проценти електрична енергија е обезбедена од увоз, оценува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бисломоски кој гостуваше во утринската програма на „Слободен печат“. Тој вели дека иднината на нашата енергетска независност е во македонското сонце. Во однос на ценовниците за струја, оценува дека е добро што го имаме фиксниот износ за пристап до мрежа од 200 денари, затоа што во спротивно би морала да поскапи евтината струја, како и онаа во првата и во втората тарифа, каде што се наоѓаат најголем дел од потрошувачите.

Бислимоски вели дека имаат издадено лиценци за работа на преку 1.000 централи од обновливи извори, и тоа најмногу од фотоволтаици.

– Гледам во јавноста неумесни обиди да не се смета во производство тоа од приватните централи. Домашно производство си е домашно! Ние само за две и пол години имаме изградено за 700 мегавати нови електрични централи од обновливи извори и тоа се во најголем дел фотоволтаици. Тие многу помогнаа. Тоа е енергија која не се увезува, а енергија кога се увезува, тогаш се плаќаат и преносни патишта и дополнително закуп за интерконективен капацитет на две држави-објасни Бислимоски.

Тој вели дека факт е дека во наредните години нашиот увоз ќе се движи во овие рамки, а капацитетот од фотоволтаичните централи ќе се зголемува.

– Факт е дека во иднина рбетот на нашата енергетска независност ќе биде македонското сонце, за разлика од порано кога тоa беше македонскиот јаглен што многу ни помогна. Треба што е можно побрзо да се постават батериски системи за складирање и дополнително, во краток период да се изградат нови гасни когенеративни централи кои ќе ни обезбедат базна енергија и кои ќе ни овозможат многу поедноставно и поевтино балансирање во енергетскиот систем – вели Бислимоски.

Многу фирми си поставија фотоволтаици на крововите, па има намалување на електричната енергија што ја регистрираат броилата.

– Кога ја анализираме потрошувачката на државата преку броилата, имаме пад од 6-7 проценти и тој тренд ќе продолжи затоа што компаниите продолжуваат да стават фотоволтаици, а засилува трендот и кај домаќинства – вели Бислимоски.

Во однос на програмското ветување на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го укине фиксниот надоместок од 200 денари, Бислимоски потсетува дека „воведување на евтина тарифа и укинување на надоместок се прашања што се решаваат со тарифни системи, а тарифници носи, менува и применува во пракса Регулаторната комисија за енергетика“.

– Во цела измината криза покажавме дека носиме мерки за да го заштитиме стандардот на граѓаните. Тој надоместок се однесува исклучително за користење на дистрибутивната мрежа. Тие пари што сега ги даваат потрошувачите и претходно ги давале преку цена за дистрибуција за електрична енергија преку киловат-час. Ние имаме сериозен пад на потрошувачката и тој тренд ќе продолжи. Кога определуваме цена, определуваме приход и тој приход го делиме со количини на електрична енергија. Кога делите со помала количина, јасно е дека цената расте. Факт е дека во државата имаше голем број на домаќинства со потрошувачка нула, или блиску до нула. Тоа се корисници на празни станови, или кои се користат само повремено, а кога треба да се инвестира во нивната мрежа, преку тоа што плаќаат нула денари, воопшто не учествуваат во покривање на трошоците, туку тоа го прават само потрошувачите со редовна потрошувачка. Со воведувањето на надоместок од 200 денари, цената на користење на мрежата (со тој надоместок) изнесува 2,3 денари за киловат, а ако го тргнеме тој надоместок мрежарината што треба да ја пратат домаќинствата ќе се зголеми на 2,89 денари. Тогаш пак цената на евтината тарифа ќе се зголеми за 14,5 проценти, цената на првиот блок за 9 проценти, на вториот за 7,78 проценти, на третиот за 6,4 проценти и цената на четвртиот блок за околу 3 проценти. Ние водевме сметка за најранливите корисници, за домаќинствата што ја користат евтината тарифа и за оние во првиот и во вториот блок. Ние не измисливме топла вода, поразвиените земји вака го решаваат овој проблем – вели Бислимоски.

 

Тој зборуваше и за исплатливоста на фотоволтаичните централи за домаќинствата, за инвестирањето во мрежата, но и за една горлива тема – огромните загуби на вода во системот на водоснабдувањето, односно крајно недомаќинско користење, каде 62,3 отсто од водата минатата година воопшто не се фактурирала.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

 

 

 

 

Back to top button
Close