(Видео) Бугарскиот новинар Крстев против најавеното вето: Ако Софија е поголемиот брат, тогаш треба да покаже големина
Во случајот, со актуелниот проблем кој се испречува, вели тој, иако Софија во голема мера е во право, таа сепак треба да има прагматичен а не емотивен приод и да покаже великодушност и големина, со која мора да располага посилниот
Долгогодишниот дописник на Бугарското национално радио од Москва и од Белград, Николај Крстев смета дека во судирот меѓу Скопје и Софија наместо реалноста преовладуваат емоциите. Според него, Бугарија се однесува патерналистички кон Македонија, што нему му наликува на односот кој кон официјална Софија го имал Советскиот сојуз.
„На Македонците им е јасна блискоста меѓу нашите народи, но до зближување нема да дојде ако едната страна постојано кука а другата се држи надмено. Софија и Скопје се како двајца браќа кој низ годините живееле во различни услови. Едниот постигнал повеќе, другиот помалку. Тоа сепак не треба да значи дека поуспешниот и со поубав, европски изглед на својот дом, кога ќе отиде во куќата на својот помал брат ќе почне да му забележува дека не ја наместил добро постелнината или дека прозорецот не му е добро затворен. Во случајот, со актуелниот проблем кој се испречува, иако Софија во голема мера е во право, таа сепак треба да има прагматичен а не емотивен приод и да покаже великодушност и големина, со која мора да располага посилниот“, вели Крстев.
Во своето гостување во емисијата „На острицата“, Крстев укажува дека Балканот во моментот е средиште на судир на интересите на Кина, Русија, САД и Европа. Интеграцијата на регионот е од исклучително значење за Бугарија, вели тој, констатирајќи дека со своите постапки и со заканата за блокада на Македонија, таа не само што работи против себе, туку директно застанува на страната на Пекинг и на Москва.
„Проблем е кога внатрешната политика станува меѓународна. Ако се залагаме за вето, зошто тоа и го правиме на Македонија, а не на Србија? Па, токму Србија која е под влијание на Кина и на Русија не успеа да обезбеди ниту 10 илјади евра за да се направи учебник на бугарски јазик за нашето малцинство кое живее таму“, коментира Крстев.
Тој истакнува дека од независноста, особено во последните три години, Бугарија пропуштила шанса да ѝ приближи на Македонија, како на пример, да понуди двете земји да имаат заеднички амбасади низ светот, заеднички претставништва во меѓународните институции, да ги штитат своите заеднички интереси пред останатите членки на НАТО и на ЕУ.
„Па, ние сè уште не ни знаеме што се случува зад границата. Знаете ли колку заболени има од ковид-19 во Македонија? Не. Како ќе знаете? Дури и тој најпрост пример што Ви го давам покажува дека не се познаваме, ама многу сакаме да мудруваме и да делиме лекции. Дајте да направиме заеднички медиуми со новинари од регионот. Една мрежа која ќе наликува на Си Ен Ен на пример, па ќе знаеме што се случува кај нив, а и тие ќе знаат што се случува кај нас“,вели Крстев.
Имајќи ги предвид овие факти, тој укажува дека спогодбата Заев-Борисов е добра основа за надминување на недоразбирањата, бидејќи, како што вели тој, обичните луѓе не се запознаени со вистинската историја и многу и веруваат на политичката пропаганда.
„Во Договорот за добрососедство се вели дека кај нас нема македонско малцинство. Во него пишува и дека имаме заедничка историја. На тоа никој во Скопје, дури ни обичните луѓе не се противат. Е па, зошто тогаш се караме? Што сакаме? Бугарија треба да излезе од кругот на расудување дека нашите аргументи за Северна Македонија се правилни и сите не разбираат. Треба да водиме реал-политика. Не постои можност некому да објасниме дека соседите кои живеат на запад од нас се Бугари. Нека биде јасно тоа. Јазикот кој тие го зборуваат е веќе македонски, а тие се македонска нација, но во самото македонско општество веќе течат процеси за утврдување на историската вистина, која повеќе од 100 години беше искривувана под влијание на индоктринацијата од Кралска и Титова Југославија“, вели Крстев.
Тој констатира дека центри од Бугарија од политички причини стимулираат создавање антибугарска кампања во Македонија, која според него засега ја водат опозициските медиуми.
„Нашето ВМРО го прави тоа за да заработи поени пред мартовските избори а на другото, на Мицкоски, ова му помага да ја турне владата на Заев“,смета Крстев.