(ВИДЕО) Царината спречи обид за шверц на 5 200 штеки цигари

Секторот за контрола и истраги при Царинската управа успешно откри и спречи обид за шверц на 104 пакети цигари со вкупно 5 200 штеки цигари, информираат од Царинската управа.
Како што додаваат оттаму, камионот кој бил пријавен како празен на излезот од државата на граничниот премин „Ново Село“, бил селектиран за детален царински преглед кој го извршиле инспектори од Одделението за оперативни работи, кои имаат врвни откривачки оперативни капацитети.
„При деталниот преглед во полуприколката ладилник, во предниот дел е откриен специјално конструиран бункер со преграда каде што се откриени цигарите. Преземени се истражни дејствија од инспекторите од Одделението за истраги и поднесена е кривична пријава против возачот, српски државјанин“,информираат од Царинската управа.
За случајот вчера, во своето гостување во главниот „Дневник“ на МРТВ, говореше и директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
„Една од клучните обврски, нотирани и со извештајот на Европската комисија, на што сме во целост посветени, е борбата со царински измами и спречување обиди за шверц на тутун и тутунски производи“,
рече тој.
Николовски, во интервју за МРТВ, потенцира дека годинава заклучно со 30 ноември Царинската управа врз основа на увоз на тутун и тутунски производи наплатила 15,3 милијарди денари, што претставува раст од 10 отсто во однос на минатата година.
Тој нагласи дека кумулативно, заклучно со 30 ноември, годинава се наплатени приходи од 1,95 милијарди евра, што е за 86,9 милиони евра повеќе од лани истиот период, што претставува раст од 4,7 отсто. Раст е забележан по сите основи: приходите од наплата на царина со раст од 15,1 отсто, од ДДВ при увоз 3,2 отсто раст, од ДМВ од 10,9 отсто и од акциза 4,6 отсто.
Високата наплата на приходи беше истакната и од страна на ЕК во последниот извештај за напредокот на државата, посочуваат од Царинската управа.






