(Видео) Цеца по скандалот со знамето: Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи
По инцидентот што се случи на концертот во спортската сала „Гемиџии“ во Велес, кога пејачката Цеца Ражнатовиќ подигна бугарско знаме, таа се огласи со изјава за „Бекстејџ“, објаснувајќи дека нејзиниот гест бил погрешно сфатен и дека немала намера да навреди никого.

„Не е ништо необично што секогаш со радост го прифаќам секое знаме од мојата публика, затоа што тоа е мојата публика, мојот народ, моите луѓе. Нас нè поврзува љубовта кон песната, без разлика од каде кој доаѓа. Жал ми е ако тој гест некого повредил, тоа навистина не ми била намерата, а особено не да ги навредам или повредам домаќините. Верувам дека тоа го знаете“, изјави пејачката.
Ражнатовиќ се заблагодари и на велешката публика за, како што рече, „прекрасната вечер, убавата енергија, љубовта и спомените што заедно ги создадовме“.
Во однос на реакциите што се појавија на социјалните мрежи, таа додаде дека не сака дополнително да ги коментира: „Реакциите се случија во салата, меѓу мене и мојата публика. Ние знаеме како поминавме, што беше убаво, а што помалку убаво на концертот што траеше два часа. Тоа е она што е најважно.“
„Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи, затоа што сите ние што таа вечер бевме заедно во Велес знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мене и мојата публика,“ порача Цеца.
Извор: skopje1.mk






