(ВИДЕО) Давкова: Трагедијата во Кочани е нашиот „ѕид на срамот“ – политичарите итно да ги тргнат рацете од судството

„Со пожарот во дискотеката во Кочани, на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување и културата на неказнивост“. Ова е клучната и најболна порака од новогодишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред пратениците.

Во емотивен говор, претседателката оцени дека трагедијата не била само несреќен случај, туку резултат на системски пропусти, корупција и институционална неодговорност кои државата ја довеле до „ѕидот на срамот“.

 

„Институционалната неодговорност води до катастрофа“

Давкова беше децидна дека толерирањето на корупцијата и несанкционирањето на криминалот ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа.

„Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза… Во случајот на Кочани не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал. Ја разбирам болката на семејствата на настраданите. Го разбирам нивниот оправдан гнев и бес“, истакна претседателката.

Сепак, таа потсети и на моментите на солидарност – медицинските тимови, хеликоптерите и активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита, кои покажаа дека во најтешките моменти „не сме сами“.

Политичарите да престанат со препукувања врз грбот на жртвите

Во делот посветен на правдата, Сиљановска-Давкова упати директно предупредување до политичките партии да престанат да го користат случајот за дневно-политички поени.

„Треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата. Нивните најмили не можеме да ги вратиме“, порача таа.

Тест за Европско судство

За претседателката, претстојниот судски процес за оваа трагедија ќе биде лакмус-тестот за македонското правосудство.

„Од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата на македонските граѓани. Овој процес е тестот врз кој ќе се оценува решеноста за владеење на правото во реалност, а не само декларативно на хартија“, заклучи Давкова. (4news)

Back to top button
Close