(ВИДЕО) Деца со петарди за огномет запалиле дрво пред Музејот во Тетово
Деца запалиле дрво со пиротехника вечерва пред зградата на Музејот на тетовски крај (Дом на АРМ) во Тетово, информира МИА.

Пожарот бил изгаснат за кратко време поради брзата интервенција на тетовските пожарникарски служби.
Директорот на Музејот, Миќо Стојчевски, информира дека пожарот бил предизвикан од деца кои употребувале пиротехнички материјали.
„На снимките од надзорните камери видов дека пожарот настана откако деца кои застанати пред објектот запалија пиротехнички материјали, нешто како огномет. Од тоа се запали дрвото, но за среќа веднаш пристигнаа пожарникарите кои за 15-ина минути го изгасија пожарот“,
рече Стојчевски.Станарите кои живеат во околината на Музејот пожарот го пријавиле во СВР Тетово, по што на местото на настанот дошла и полициска екипа.
На фејсбук-страницата „Тетово инфо“ е поставено видео на кое се гледа како гори дрво пред Музејот во Тетово.
Пожарот се случува во период кога СВР Тетово ја реализира превентивно-едукативната кампања „Петарди НЕ, безбедност пред сè“.
Инаку, продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици.