(ВИДЕО) Делумно е локализиран пожарот на границата со Грција, се слушнале околу 20 експлозии
Пожарот кој околу пладне изби помеѓу општините Богданци и Дојран во близина на границата со Грција е ставен делумно под контрола, горат уште два крака.
Ова се последните информации за состојбата на терен со кои располага Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Благодарение на одличното дејство на ертракторите на ДЗС, но и на локалните пожарникари од Дојран и Гевгелија кои спречија огнот да се прошири кон полето затоа што сувата трева и ветрот кој постојано дува овозможуваа брзо горење и ширење на огнот“,вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој вели дека во моментов ветрот е наклонет на нив и правецот во кој дува го врти огнот кон веќе изгорените места и ако така продолжи во наредните два часа пожарот може да биде и целосно локализиран.
Меѓутоа, ако ветрот го смени правецот, како што вели Ангелов, екипите ќе се соочат со голем проблем бидејќи огнот ќе се прошири кон ридот каде почнува и територијата на Општина Дојран.
Како што веќе претходно соопштија од ЦУК, местото каде се случува пожарот е на линијата на фронтот од Првата светка војна, па од утрово имаше информации дека се слушнале и неколку експлозии од останати гранати. Ангелов во последната изјава вели дека досега имало околу 20 експлозии.
Од тие причини, додава тој, е проценето дека нема услови да се употребуваат полицискиот и армискиот хеликоптер.