Видео: Десет лица избодени со нож во воз во Британија, две лица уапсени


Десет лица беа избодени со нож во воз кој сообраќал за Кембриџшир, кој е оддалечен околу 80 километри од Лондон, по што две лица беа уапсени, а полицијата објави дека станува збор за „значаен инцидент“ и потврди дека антитерористичките единици ќе ја поддржат истрагата.

Деветмина ранети беа префрлени во болница со животозагрозувачки повреди, додека едно лице е хоспитализирано со полесни повреди, јавува Би-Би-Си утрово.

Британската полиција објави дека работи на утврдување на околностите и мотивите на инцидентот, како и дека националниот код „Платон“ бил користен во одговорот на полицијата и службите за итни случаи на инцидентот, според „Гардијан“.

Инцидентот се случил помеѓу станиците Стивениџ и Питерборо, предизвикувајќи прекин на сите железнички услуги, а LNER синоќа ги повика луѓето да „не патуваат“ поради „големи прекини“ во сообраќајот по повеќекратните напади со избодување во воз за Хантингдон, Кембриџшир.

Локалната полиција соопшти дека вооружени полициски сили биле испратени на станицата Хантингдон по повик во 19:39 часот вчера.

„Вооружени полицајци го запреа возот во Хантингдон, каде што беа уапсени двајца мажи“, соопшти полицијата.
Портпарол на полицијата на Источна Англија изјави дека полицијата обезбедила „сеопфатен одговор“.
Еден очевидец изјави за Би-Би-Си дека видел човек како излегува од возот со крвава рака и вели: „Имаат нож, бегајте“, пред да се сруши.
Други очевидци наведуваат дека виделе лице со нож како брка луѓе во возот, а подоцна полицијата насочила оружје кон човек кој стоел на перонот со голем нож, онеспособувајќи го со електрошок.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави во соопштението на перонот X дека „ужасниот инцидент во воз во близина на Хантингдон е длабоко загрижувачки“ и ги повика луѓето да ги следат советите на локалните власти.

„Моите мисли се со сите погодени и им благодарам на службите за итни случаи за нивниот одговор. Секој во областа треба да ги следи советите на полицијата“, рече Стармер.

Back to top button
Close