(ВИДЕО) Досега 35 потврдени случаи на западнонилска треска, шестмина се критично

Во моментот има 35 потврдени случаи и три суспектни на западнонилска треска, кои се во процес на дијагностицирање, а шестмина се во критична состојба и се наоѓаат на интензивна нега на Инфективната клиника.
Од потврдените случаи, повеќето се згрижени на Клиниката за инфективни болести, а еден пациент е згрижен во приватна здравствена установа – информира денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски.

Министерот додаде дека досега има три смртни случаи на овој вирус, а 15 се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни а болести.

Тој истакна дека во моментот најактивно подрачје во Европа со западнонилска треска е Атина и посочи дека во Грција досега има 81 случај со невроинвазивна форма и девет починати, а веќе има случаи и во пограничните зони со Македонија.

– Здравствените капацитети дијагностички се подигнати максимално, ако минатите години се правеле по 40 анализи годишно, ние сме веќе на ритам од 4 до 8 анализи дневно, а да потсетам дека двапати треба два независни теста за конечна потврда на дијагнозата – рече Клековски.

Додаде дека веќе се информирани сите доктори кои може да дојдат во контакт со евентуално заболени пациенти.

– Веќе се информирани сите инфективни одделенија, матичните лекари, семејните лекари, Клиниката за неврологија, а и невролозите генерално, така што алертот за препознавање и дијагностицирање е тука и капацитетот за дијагностицирање е тука – посочи Клековски.

Тој истакна и дека во однос на мапирањето на заболените, треба да се прави разлика меѓу местото на живеење на лицата и местото каде што се заболеле од вирусот.

Досега од западнонилска треска во Македонија починаа двајца пациенти на возраст од 83 и 72 години.

Back to top button
Close