(Видео) Две кривични за мотоциклист кој дивеел на „Партизанска“ и се снимал за Тик-ток

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека мотоциклистот кој возел на едно тркало на „Партизанска“ и од тоа објавувал видеа на Тик-ток, ќе добие две кривични пријави за безобѕирно управување моторно возило и за кривичното дело – загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство.

Оттаму велат дека извршиле службен разговор и со сопственикот и со корисникот на мотоциклот „сузуки“, при што добиле информација дека со него, на 3 октомври, управувал А. А. (37) од Скопје.

„Во врска со објавеното видео на повеќе портали и електронски медиуми во кое се гледа како едно лице управува мотоцикл ‘сузуки’, движејќи се небезбедно на едно тркало на бул. ‘Партизански одреди’ кај крстосницата со ул. ’29-ти Ноември’ во повеќе наврати, загрозувајќи се себеси и другите учесници во сообраќајот, од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје во соработка со Безбеден Град преземени се мерки и дејствија при што е утврдено дека станува збор за мотоцикл ‘сузуки’ со скопски регистарски ознаки кој на ден 03.10.2026 е управуван од машко лице по наведениот булевар, при што најпрво е обавен разговор со сопственикот, потоа со корисник на мотоциклот од кого е добиена информација дека мотоциклот на 03.10.2026 го користел А. А. (37) од Скопје“, се вели во соопштението на МВР.

Во разговорот со полицијата, тој кажал дека мотоциклот го возел без да поседува возачка дозвола и дека објавил неколку видеа на Тик Ток.

„Известен е јавен обвинител од ОЈО Скопје, а против А. А. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-А од Кривичниот законик, безобѕирно управување на моторно возило, и по член 298 од Кривичниот законик – загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство“, велат од МВР.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close