ВИДЕО: Експертите зборуваат за придобивките од НАТО зачленувањето
Дебата преку видео конференција за тоа кои се придобивките на Северна Македонија после зачленувањето во НАТО Алијансата.
Дебатираат: Нано Ружин, Исмет Рамадани, Беким Максути, Петар Арсовски и Ризван Сулејмани
- Што значи членството на Северна Македонија во НАТО? Било во економската, политичката и безбедносната сфера?
- Се разбира дека Република Северна Македонија со членството во НАТО добива многу. Ако ги гледаме аспектите во кои доби, доби во однос на безбедноста со самиот факт дека во повелбата на Алијансата стои чл. 5 кој вели „Еден за сите – сите за еден“. Тоа значи дека ако која било земја биде нападната од некоја друга земја – реагира целата Алијанса, односно НАТО. И тука, што се однесува до безбедноста, сувереноста и интегритетот на државата, веќе е завршена работа. Што се однесува до економските придобивки, за нив е малку рано да дадеме анализа затоа што со самиот факт дека ние сме полноправна членка на НАТО од 27-ми март, и живееме во инзвонредно тешко време – во пандемија од КОВИД-19 – тие резултати сè уште не се толку видливи. Иако на прагот на членството имавме подобрување во тоа што значи странски инвестиции, мислам дека 2018/2019 беа многу поуспешни, затоа што веќе се знаеше дека Република Северна Македонија ќе стане членка на НАТО. И во однос на политиката – со самиот факт кога сме членка на НАТО веќе сме како брендирана држава во НАТО и политички каде и да настапиме како дел од таа голема демократска, а во исто време воено-политичка алијанса која знаеме што претстваува во светот, без разлика дали политичките одлуки имаат европски или пошироки димензии – ние добиваме. Како членка на НАТО ние добиваме и во однос на кибернетичките напади, затоа што ние не можеме да се справиме сами, сепак тоа е нова и современа технологија на напади, така што веќе ние полека но сигурно тануваме дел од безбедноста и во кибернетичките напади, сето тоа е придобивка која за нас чини многу. „Цената“ на државата од денот на членството во НАТО и расте за 25-30% “ – Исмет Рамадани
- Дали перцепцијата за НАТО е променета кај населението во Северна Македонија и дали сè уште има политички групи кои се противат на влегувањето во алијансата?
- „Се разбира со сите наши мали недостатоци како општество во смисла на политички опортунитет околу членството во НАТО, околу стандардите кои ги предлагаат, дали таа поддршка е униформа – кај политичките партии не постои униформа и вечна поддршка. Секоја политичка партија е предатор во таа смисла и кога ќе насети дека на некое поле може да нападне, дури и на членството во НАТО – тоа го користи. Се разбира има партии и политички формации кои дури и јавно се противат на членството во НАТО. Политичката партија на Солза Грчева (Глас за Македонија) или таа политичка групација – тие јавно се противат на членството во НАТО, Левица се противи на членството во НАТО во оваа форма каква што е, меѓутоа тоа се засега сè уште мали радикални формации што не влијаат на општото расположение. Треба да имаме предвид дека ретко овие политички групи во Македонија се автономни. Најчесто има влијание на некаков меѓународен фактор или некаква друга оска на моќ која влијае на перцепцијата за НАТО. И на крајот на краиштата Руската Федерација не крие дека нејзин стратешки интерес не е целосното членство на Македонија во НАТО, иако таа приказна е релативно завршена. Русија нема ниту интерес ниту капацитет долго да го држи овој регион во заложништво и мислам дека повеќе е фокусирана на северо-источните земји (Грузија итн.) И имаше едно намалување во однос на перцепцијата за НАТО во јануари 2019 г. заради недостатокот на специфичен напредок, односно Франција, но веќе во февруари 2020 овој процент повторно порасна, така што можеме да кажеме дека поддршката на македонското население за НАТО е стабилизирана на околу 80%, со тоа што има околу 5% луѓе кои велат дека немаат мислење по тоа прашање. Значи реално, опозицијата за членство во НАТО е отприлика 15% и овој процент е стабилен подолг период.“ – Петар Арсовски
- Дали се направени доволно реформи во Армијата. Во кој дел сме подобри и каде имаме проблеми. Каква армија ја карактеризира нашата земја?
- „Добро е започнато, има слух, предвидено е во 2024 да стасаме до 2% од БДП, меѓутоа сепак пандемијата на некој начин имаше и има влијание во однос на реализација на сето тоа што е и се одвојува како буџет. Ова, како и сите други земји не засега и нас, посебно во однос на странските оператори кои треба на некој начин да ни излезат пресрет во однос на оправувањето и модернизацијата на Армијата.“ – Беким Максути
- Дали сè уште има надворешно влијание и закана за безбедноста на Северна Македонија, дури и во различните сајбер и разузнавачки напади?
- „Нормално има интерес од некои „странски служби“, иако мислам дека и не треба да се претерува. Алијансата е толку моќна и техничко-техолошки е толку подготвена за брзо да се открие сечив обид . Воопшто не ме загрижува тоа што има противници за членството во Алијансата. Знаете што значи 80% на населението? Мислам дека сме рекордери според популарноста. Мислам дека Алијансата нема поголема популарност од кај нас. Меѓутоа во некои држави се гледа и на ограничувачкиот фактор на Алијансата. На пример има држави во Западна Европа – Франција, Белгија итн. – каде што политиката на Алијансата се критикува. И од тој аспект, значи не од аспект дали некој ги брани интересите на Русија или на друга држава којашто е непријател или ривал на Алијансата, туку повеќе од аспект на некои американски лидершип што се критикува и резултира со ниска популарност во овие држави. Значи повеќе од овој аспект, а не дека некој има страв од Русија или Кина. Факт е дека ние сме интересно подрачје, ние сме еден вид римленд – зона пристапна кон морињата, немаме излез на море но сме интересни како римленд. Секако дека сме интересни и за Кина, пример оној проект „Патот на свилата“, па „Долината на Вардар, Морава, Дунав итн…“, преку разни други форми како хибридните војни, намерно пуштање мигранти итн. Како и да е, сакам да констатирам дека за Северна Македонија е многу подобро што стана членка на Алијансата, од повеќе аспекти, и воедно мислма дека тоа е и ходникот, предворјето за членство во ЕУ, бидејќи сите земји што станаа членки на ЕУ, мислам на оваа Нова Европа, прво станаа членки на Алијансата.“ – Нано Ружин
- Со појавување на вирусот КОВИД 19 и пандемијата, НАТО значително и помогна и соработуваше со Северна Македонија. Кои се вашите мислења, за што станува збор?
- Ние ќе мораме да ја вклучиме војската со тие 300 војници во поддршка на полицијата, дури и во КОВИД-19 пандемијата. Видовте и вие, не е толку лесно да се адаптира и да се вклучи војската во помош на полицијата. Или па другата придобивка – зар ние како држава имаме капацитет да гарантираме посебни авиони за пренесување фрижидери во кои треба да се чуваат вакцините? Јас сум убеден дека порано или покасно НАТО ќе мора да се вклучи во оваа операција. И она веќе се вклучи. Илјадници летови веќе се направени во поддршка на битката на корона-вирусот. И допрва ќе се направат. И допрва ќе треба да се отвори таа дебата во НАТО – како тие да го изведат тоа. Јас знам дека тоа е огромна машинерија и дека тоа не се изведува така лесно, но убеден сум дека штабовите работат норманентно за да ја најдат нивната улога во оваа нова битка која ние треба да ја добиеме. Така да во овој поглед, можеби е голема среќата што Македонија се најде во овој клуб во време на сите овие нови опасности кој никој не може да ги предвиди. Ние пред некое време требаше да се тргнеме од класични битки во асиметрични битки итн. Но одеднаш сите држави се во војна со невидлив непријател. И како ќе се справиме со таа војна? Нормално дека логистиката на НАТО ќе мора брзо да се адаптира на новите околности и новите опасности.“ – Ризван Сулејмани