Видео: Експлозија во втората највисока зграда во Шпанија, извршена итна евакуација


Една од четирите канцелариски кули во Мадрид, кулата Моев, беше евакуирана денес по експлозија во зградата што предизвика појава на голем столб чад, објавија шпанските медиуми.

Неколку противпожарни екипи беа испратени на местото на настанот за да интервенираат по инцидентот, во кој според првичните извештаи нема повредени, објави „Ел Паис“.

Пожарот што избувна по експлозијата е ставен под контрола, соопштија извори од шпанската полиција.
Експлозијата се случила на еден од средните катови од 45-катната зграда, а причината за инцидентот сè уште не е позната.

Во операцијата биле вклучени полиција, брза помош и противпожарни служби.

Според вработен во една од компаниите лоцирани во комплексот, луѓето брзо ги напуштиле зградите, но без паника, делумно благодарение на вежбите за евакуација што биле одржани претходно.

„Оставивме лични работи во канцелариите бидејќи сè се случи толку брзо. Стотици луѓе беа евакуирани од сите згради“, рече тој.

Ова е втор пожар во кулата Торе Моев, порано позната како Торе Фостер, за помалку од една година.

Претходниот инцидент се случи во декември 2025 година.

Облакодерот е во сопственост на Понтегадеа, инвестициска компанија контролирана од Амансио Ортега, од 2016 година.

Со 45 ката и висина од 248 метри, тоа е втората највисока зграда во Шпанија.

Back to top button
Close