(Видео) Експлозии во Каракас: Нападнати аеродроми и воени објекти

Најмалку седум експлозии се слушнале во главниот град на Венецуела, Каракас, а авиони што летале ниско биле забележани околу 2 часот наутро (7 часот наутро по централноевропско време).

Луѓето во паника излегоа од своите домови на улиците. Јужниот дел од Каракас, вклучувајќи ја и областа во близина на голема воена база, е без струја.
Фотографии објавени од колумбиската телевизиската станица NTN24 покажуваат густ чад над Каракас, видлив и во областа на аеродромот Карлота.
На видео, пак, емитувано од каналот VPItv се гледаат неколку хеликоптери како летаат над градот ноќе.
Владата на Венецуела
Велата на Венецуела соопшти дека „ја отфрла, осудува и протестира“ против „воената агресија“ на САД.
„Таквата агресија го загрозува меѓународниот мир и стабилност, особено во Латинска Америка и Карибите, и сериозно ги загрозува животите на милиони луѓе“, се вели во соопштението.
Претседателот Доналд Трамп нареди напади врз цели во Венецуела, вклучувајќи и воени објекти, изјавија американски претставници за „Си-би-ес њуз“. Претседателот Николас Мадуро прогласи вонредна состојба. Венецуелската влада соопшти дека ја „осудува“ американската „воена агресија“. Таа ги обвини САД дека се обидуваат да „ги преземат стратешките ресурси на Венецуела, особено нејзината нафта и минерали, обидувајќи се насилно да ја скршат политичката независност на нацијата“.
Ова се случува откако американската морнарица нападна неколку венецуелски бродови за кои се тврди дека носеле дрога.
Нападнати воени објекти
Неколку американски напади погодија клучни воени објекти: Фуерте Тиуна, воената база Ла Карлота и комуникацискиот центар во Ел Хатиљо.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, со месеци се заканува дека наскоро би можел да нареди напади врз копнени цели во Венецуела. Минатата недела, за време на средбата во Флорида со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп потврди дека американските сили нападнале пристаниште во Венецуела кое се користи за трговија со дрога.
Венецуела вчера соопшти дека е отворена за разговори со САД за борба против трговијата со дрога.
Сепак, венецуелскиот претседател Николас Мадуро во претходно снимено интервју објавено во четврток изјави дека САД сакаат да изнудат промена на владата во Венецуела и да добијат пристап до нејзините огромни нафтени резерви преку повеќемесечна кампања за притисок што започна во август со масовно воено распоредување во Карипското Море.
Извор: nezavisen.mk






