(Видео) Електронски испратници, државни фабрики за пелети и дронови за спречување шумски пожари

 

Што може Македонија да направи за да ја сузбие нелегалната сеча и по и без пожари? Електронски документи, фабрики за пелети во сопствеништво на Национални шуми, одлука на Влада за внесување на шумите во Катастарот, обука на населението, но и користење дронови за пошумување – листата на идеи и планирани активности за борба со шумските пожари не е мала.

Во април Министерството за земјоделство и шумарство почнува со двомесечна тест-фаза на користење електронска испратница за сеча на дрво, која задолжително ќе се применува од почетокот на јуни годинава.

„Софтверот е во Министерството, а испратниците на таблет ќе ги издаваат Македонски шуми на лице место. Електронската испратница за количините на дрво фирмите нема да можат да ја менуваат и манипулираат. МВР и Шумската полиција преку ГПС ќе имаат увид во движењето на возилата натоварени со дрва, а на терен ќе се проверува количината исечено дрво и на дополнителни контролни пунктови“, информираат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерство за земјоделство и шумарство

Во оваа институција ни посочија дека фирми сечеле неопожарено дрво и го носеле на местото на пожарите, за опожареното дрво да го искористат како камуфлажа за изнесување на нелегалната дрвесина. Поради немањето целосен катастар на шумите, лица кои подметнале шумски пожари не можеле да одговараат за делото, затоа што на хартија површината се водела како пасиште, иако во реалноста таа во меѓувреме или по природен или по вештачки пат станала шума. Затоа, со одлука на Влада би требало да се направи внес во Катастарот на таквите површини како шуми.

Превентива за намалување на шумските пожари

Идеи за делување има и во јавното претпријатие „Национални шуми“, во кое се издаваат дозволите за сечење на опожарените шуми.

„Ние како претпријатие ќе мора во периодов којшто претстои да инвестираме во одредени преработувачки капацитети. Што мислам со тоа? Еве ние како претпријатие – ние сме масивно претпријатие со голема бројка на вработени, можеме да вложиме во два-три капацитети за преработка токму на тие опожарени дрва и еве ние да произведуваме секундарен производ – пелети и брикети, и тие опожарени места да ги исечеме ние и да ги сработиме ние. Да не ги даваме на физички и правни лица. Да нема интерес некој да запали, туку едноставно да знаат дека и да запалат, таа дрвна маса ќе заврши кај нас во претпријатието, т.е. во рамки на државните институции. Тогаш можеби еве ќе се намали интересот да некој запали и опустоши нешто и да го обезврени она коешто го има во моментот како вредност шумата“, објаснува Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Национални шуми“.

Кире Михаилов

Потребно е и инвестирање во превентива од шумски пожари – план за управување со ливади и земјоделско земјиште, создавање мешани шуми со дрвја со различна старост и со видови поотпорни на пожари.

„Има неколку истражувања и може да се најде тој податок дека едно евро вложено во превенција е еквивалент на 10 евра коишто се вложуваат во супресија, односно во гасење на пожар. Така што, тоа јасно покажува дека во иднина сите држави од Западен Балкан, меѓутоа и пошироко, треба фокусот да го стават на превенција од пожари“, објаснува Цветан Николовски, тим-лидер на програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан.

Дронови за пошумување

Програмата, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, започнала со имплементација во 2022 година. Партнерски институции се министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство во сите земји од Западен Балкан, како и Глобалниот и Регионалниот центар за следење на шумски пожари и Бернскиот универзитет за применети науки. Првата фаза од проектот е до крај на 2026, а втората е до 2030. Генералната цел е создавање поотпорни шуми на пожари. Затоа е формирана Национална мрежа за управување со пожари на ниво на предел во Македонија, составена од преку 25 институции, владини тела, агенции, јавни претпријатија, научно-образовниот сектор,  невладини организации и тела од цивилна заштита.

Во моментов на регионално и локално ниво во Западен Балкан се финансираат 14 проекти. Една идеја од Црна Гора би можела да се примени и во Македонија.

Цветан Николовски

„Има тука идеи коишто се поврзани со иновативен начин на пошумување – со дронови, со креирање на противпожарни појаси – така ги викаме, значи со видови коишто се отпорни на пожар. Едноставно, тие се поставуваат низ земјоделските површини, за тој предел да биде поотпорен. Во случај ако дојде до пожар тука да запре или едноставно да имаат време пожарникарите да реагираат“, објаснува Николовски и додава: „Последните пожари и во САД и во Канада покажаа дека и најбогатите држави, коишто имаат најмногу средства за справување со пожари, едноставно не успеваат да се справат со тие пожари и за жал сега имаме и така новонаречени мега пожари или mega fires. Едноставно ја нема таа опрема и капацитети коишто може државата да ги стави на располагање за да ги изгасне тие пожари. Затоа, имајќи ги предвид климатските промени, имајќи ја предвид местоположбата на Западниот Балкан како таква и како една од точките на светот којашто во иднина ќе има најголемо влијание од климатските промени, ние како програма сметаме дека фокусот треба повеќе да се стави кон превенцијата од пожари и создавање на поотпорни предели“.

Во Бугарија обуки на населението против шумските пожари

Потребна е и едукација и на младите и на возрасните и за справувањето со шумските пожари и за штетите од нив. Пример за обуки на населенито најдовме во Бугарија.

Александар Џартов

„Предвидуваме да обучиме над 25.000 луѓе за тоа што претставуваат пожарите и воопшто ризикот од шумските пожари, како да не ги предизвикуваме и ако сепак се случат што треба да прават граѓаните. Но, според мене тоа е клучно. Ние изградивме на територијата на државата шест центри за обуки. Едниот е овде, можете да го видите до нашата зграда. Како што е сега, во нив има училници и полигони на кои можеме практично да ги обучиме за тоа што претставуваат шумските пожари и какви треба да бидат нивните следствени акции за да не се појават и ако се појават како тие да делуваат“, објаснува глвениот комесар Александар Џартов, директор на Главната дирекција за државна безбедност и заштита на населението, и додава: „Главниот фокус е ставен на лица во образование, односно младите кои се генерално поподложни на обука, како и вработените во шумските стопанства, кои исто така ќе бидат обучени. Односно: ученици, студенти и вработените во шумските стопанства. Ова се главните целни групи“.

Внесувањето на целосната површина под шуми во Катастарот, користењето на посебни истражни мерки, проверувањето на мотивите за палењето на шумите и дали зад нив се крие можна вмрежаност може да доведе и до повеќе казни и до помал број на случаи во кои шумите се во пламен.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Станимир Вагленов

Изработката на овој текст, како и на документарно-истражувачкиот филм „Шумите во пламен“, е поддржана од Journalismfund Europe.

Back to top button
Close