ВИДЕО: „Емотивен талог“ – за најдлабокото човечко, нова книга од Ана Јовковска

На 28 април (четврток), со почеток од 19 часот, во Клуб-ресторанот на МКЦ ќе се одржи промоција на новата книга на Ана Јовковска„Емотивен талог“. Таа е научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини, а веќе добро позната и како авторка. По четирите објавени книги сега ни се претставува со едно поинакво четиво, збирка од раскази, колумни и есеи насловени „Емотивен талог“.

 

 

„Можеби свртувајќи се кон себе си сакав да се свртам кон светот, затоа што изминиативе две години живеем во чудно време, пандемијата не’ затекна и животот радикално ни се промени. И во време на кризи: здравствена и хуманитарна, сите бевме затворени во домовите како блокови, всушност домот ни стана затвор, па имав можност да се свртам кон внатрешното, кон интроспекција, ама низ личните преиспитувања секогаш критички рефлектираме кон светот, заедницата кон другиот и мојата нова, пета книга е хибридна книга. Јас сум човек кој сака да ги крши формите и свесно и несвесно се обидував да ја скршам ригидната книжевна структура, па книгата е сублимат од раскази, емотивни заплети кои што раскажуваат човечки судбини, човечки приказни. Самиот поднаслов Приказни од женската кујна, само навидум се на женски теми, всушност тоа се приказни од и за животот. Ликови кои се вистински, но и фиктивни. Намерно „Емотивен талог“ се раскажува во прво лице, но не секогаш се доживеани лично сите ситуации, иако кога се читаат изгледа како да се лични приказни. Тука не станува збор за некаква книжевна манипулација на авторот, туку станува збор за потребата на читателите да им овозможам емоционална идентификација. Кога гледаме некои медиумски содржини имаме потреба да ги препознаеме сопствените болки, сопствените проблеми и затоа се обидов со оваа книга да чепнам во најдлабокотои најгустото човечко“, вели Јовковска за Утрински брифинг.

 

Книгата ќе ја промовираат Ана Мартиноска и Соња Стојменска-Елзесер, а разговорот за книгата ќе биде мултимедијална синтеза од разговор, музика и дружење.

 

Back to top button
Close