(ВИДЕО) Фидоски не доставил програма, ама бил убедлив на интервјуто за нов шеф на Скопското обвинителство

Откако на денешната сденица на Советот на јавните обвинители за нов шеф на скопското обвинителство беше избран Анел Фидоски, претседателот на Советот Башким Бесими изјави дека овој кандидат оставил добар впечаток при интервјуто кое го спровела Комисијата за избор, но сепак кажа и дека освен обвинителот Гаврил Бубевски никој друг од кандидатите не поднел програма за работа.

 

На прашањето дали Фидоски предложил програма, претседателот на Советот, Бесими, без да одговори директно, истакна дека пред гласањето јавно кажал кој има поднесено програма, а на следното прашање дали ова значи дека само Бубевски поднел програма, бидејќи само тој бил посочен, претседателот рече:

„Тоа што сте слушнале е тоа“.

За изборот на Фидоски гласаа 7 од 11-те членови на Советот на јавните обвинители. Двајца од членовите гласаа против, а двајца беа воздржани.

Досегашниот шеф Гаврил Бубевски, и покрај пофалните зборови за својата досегашна работа, доби пет гласови, што беа недоволни за втор мандат.

Новиот избран шеф, Анел Фидоски, е со искуство од 11 години. Како обвинител во скопското Обвинителство е познат по неколку случаи познати за јавноста, а меѓу нив е гонењето на обвинетите за убиството на Никола Сазодвски, член на групата „Комити“. Тој го наследи и долгогодишниот судски предмет „Тенковски делови“, во кој еден од обвинетите беше и експремиерот Владо Бучковски. По маратонското судење, на едно од рочиштата, обвинителот Фидоски се предомисли и го преквалификува делото пред самиот крај, со што случајот застари. Обвинителот ваквиот потег го оправда со фактот што Министерството за одбрана не пријавило значителна материјална штета. Обвинителот Фидоски го застапуваше и случајот со малата Тамара, кој исто така застари по преквалификација на кривичното дело во завршниот збор.
Кај овој обвинител во работа е и предметот за ,,Усје”, по поднесена кривична пријава од доскорашната скопската градоначалничка Данела Арсовска.

извор фокус мк

Back to top button
Close