(ВИДЕО) Филипче: Власта на ВМРО-ДПМНЕ е неспособна, расипничка и нечесна пред граѓаните
На Конвенцијата за промоција на кандидатите за градоначалници и советници, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче оцени дека државата „живее под последиците на апсолутна власт“ која работи за себе, а граѓаните ги става на последно место. Тој повика на обединување за да се одбрани „заедничкиот дом“ и да се врати достоинството на народот.
„Ние денес живееме во држава и општество кои се жртви на прераната изгубеност на една апсолутна власт,“ рече Филипче, опишувајќи ја актуелната власт како „неспособна, расипничка, нечесна и неискрена“ кон луѓето што ѝ го довериле мандатот, а истовремено „арогантна, дистанцирана од народот и лажно самоуверена“.
Според него, периодот е доволно долг за реална оценка: „Помина речиси година и пол откако ВМРО-ДПМНЕ има целосна централна власт и четири години откако имаат мнозинска локална власт. Ова е доволно време граѓаните да видат со кого си имаат работа. Наместо резултати, рече тој, „власта продолжи со старите политики на лажен ПР, напади врз опозицијата, партизација на институциите и нејасна стратегија за тоа каде ја водат државата и граѓаните“, рече Филипче.
Вo обраќањето Филипче порача дека одговорот на СДСМ ќе биде решителен и обединет.
„Наша должност е да ја запреме разулавената власт. Наша должност е да се обединиме и да го спречиме рушењето на нашиот заеднички дом и на сето она што сме го постигнале“, рече Филипче.
Тој најави јасен отпор кон авторитарни тенденции, злоупотреби и партизирање на институциите.
„Денеска сме тука за да го вратиме достоинството на народот, да ја заштитиме државата од опасноста да стане партиска сопственост и да се спротивставиме на оние што работат само за себе“, рече Филипче.
Во обраќањето беа посочени и последиците по стандардот на граѓаните, со порака дека СДСМ ќе се спротивстави на „лажниот патриотизам што служи за манипулација“ и на секоја форма на режим што носи „темнина, застој и угнетување“.