(ВИДЕО) Филиповски: Две нови градинки и многу повеќе зеленило во Аеродром

Изградба на две нови градинки, во Мичурин и Ново Лисиче, реконструкција на градинката „Пчелка“, како и два затворени базени се меѓу капиталните проекти кои се дел од изборната програма на кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром, Александар Филиповски.

Филиповски, во изјавата за медиуми посочи дека предвидува изградба и на младински центар, со цел да се овозможи простор за младите, за реализација на обуки, работилници, но и организирање на настани.

Во делот на основното образование, програмата предвидува и доградба на основното училиште „Блаже Конески“, нови сензорни соби за учениците со попреченост и еко – училници за секое училиште.

-Започнуваме и со целосна реорганизација на комуналните служби и поинтензивно одржување на зелените површини. Ќе направиме нови маалски паркови и игралишта во сите населби. Исто така, со изградба на три подземни, односно монтажни катни гаражи ќе обезбедиме повеќе загарантирани паркинг места за нашите жители – изјави кандидатот за градоначалник.

Во текот на кампањата, Александар Филиповски ќе оствари средби со граѓаните од сите населби, со претставници на граѓански организации, бизнис заедницата и други целни групи.

Основната цел е да се презентира изборната програма, но и дополнително да се мапираат теренските потреби и проблеми на граѓаните кои ќе се решаваат во претстојниот мандат.

Back to top button
Close