(ВИДЕО) Хаос во Далмација: Циклонска плима го поплави крајбрежјето, жителите креваат бариери додека морето расте
Силно невреме проследено со поројни дождови, грмотевици и олуен јужен ветер повторно го зафати далматинскиот брег. Под влијание на циклонот над Јадранското Море, регистрирана е силна циклонска плима која предизвика морето забрзано да се крева и да навлегува во крајбрежните населени места.
Најкритична е состојбата во Каштела, Сплит и Трогир, каде нивото на морето е за околу 60 сантиметри над просекот. Најголемиот бран на невремето се случи во текот на ноќта, а особено погоден беше долно-каштеланскиот брег. Во Каштел Нови и кај плажата Габине водата веќе навлезе на патиштата и во пристаништата, принудувајќи ги жителите да поставуваат импровизирани брани од штици и вреќи со песок за да ги заштитат своите домови.
Покрај Далмација, невремето остави последици и во Истра, каде наврнаа околу 20 литри дожд на квадратен метар. Силен јужен ветер со налети до 90 километри на час е регистриран во северниот дел на Јадранот, додека во Сплит ветерот предизвика целосен прекин на поморскиот сообраќај. Експертите смируваат дека иако атмосферскиот притисок е низок, не се очекуваат екстремни плими како во претходните недели, но предупредуваат на високи бранови на изложените делови од брегот и на островот Чиово.







